Роден е во Алинци, работел и живеел во Њујорк и Флорида, а се сретнал и со Пеле: Животната сторија на Чичко Блаже од Прилеп

Блаже Мирчески, повратник по 43 години печалба

-Овде навивал за Победа, таму за Космос

Сограѓанинот Блаже Мирчески случајно го запознавме во паркчетово Типската населба. Беше вознемирен и нерасположен. Што е причината, што не е во ред во оваа современа населба со преубави големи куќи пред кои се паркирани по неколку џипа или автомобили и мотори, со улици широки и одамна асфалтирани, со игралишта, трева, разгранети дрвја и дебели сенки за уживање.

-Тоа е убаво, само уште луѓето да чинат. Поздравуваш, а тој ја врти главата. Не ме познавал. Зарем тоа е причина? Еве вие ме отпоздравивме со едно ,,добар ден,, и си почнавме муабет. Сум бил во Америка, сум видел како се однесува цивилизираниот свет. Овде многу неубави работи, лаги и слично, мора да се сменат – одговори Блаже.

Америка е доволен повод да ја раскаже својата животна приказна. Роден пред 86 години во Алинци, во семејството Вишиновци. Рано стекнал работни навики и се вклучувал во разни полезни активности. Бил иницијатор за електрификација на селото во педесеттите години, кога неговите познаници биле директорот на стопанството, како Крсте Бино и брат му Трајче, функционер во Општината Прилеп.

– Сакавме струја во Алинци, ама не можевме да ги убедеме, особено побогатите, со по 100-200 глави овци имаа, не се убедуваа. Сакаат со кандило да светат, а не со ламба. Се плашеа да не трошат многу пари. Секоја вечер имавме состаноци. Некако се согласивме и јас како претставник на Алинци да појдам во Општината да барам помош за столбовите, бандерите и каблите. Одобрија 30 илјади динари помош. Парите вредеа многу. Почна работата. Измерија колку бандери се потребни. Помагавме во копањето дупки и бргу доведовме струја во селото – се навраќа на тие денови, Мирчески.

По војската од 1952 до 1955 година, се вработил како курир во милицијата. Носел разни документи и писма до Битола. Но, некој мајор од Скопје наредил: кој е за Битола да си остане во Битола, кој е за Прилеп, да не мрда од Прилеп. Реформа. По 1963 година се префрлил да биде курир и набавувач во Медицинскиот центар. Таму бил седум години, кога решил да оди на печалба во Америка.

– Преку Виена заминав за Њујорк. Кога појдов, беше со 12 милиони жители, сега 20 е сигурно. На остров е и нема каде да се шири уште. Лос Анѓелес има поголема површина, а помалку жители од Њујорк. Живеев во Менхетен, кај паркот Џорџ Вашингтон каде се дели накај Њу Џерси, Милина – презадоволен е Блаже.

Во огромниот Њујорк живеат многу етнички заедници. Ги издвојува Јуишите, всушност Евреите. Според него, тие се најзаслужни за убавиот изглед на градот. Сето било средено со згради и цвеќиња. Се чинело како сите места тие да ги држат. Се под нивна контрола. Безмалку на секој агол имало нивни цркви, синагоги, каде што се собираат и се поклонуваат. Тоа не се цркви на посебно место како нашиве православни, ами во состав на зградите.

– Евреите го држат целиот свет. Сите работиме за нив. Ме поставија да се грижам за зграда од 7 ката во која живееја 107 семејства. Набавував сé што треба. Чешмата не чини или електриката и одам да поправам. Или да сменам, да купам ново. Поситните работи сам ги купував, а покрупните во согласност со газдата. Најдомаќински работевме. За нашата голема зграда за одржување трошевме помалку отколку за помалите – го потенцира совесното работење.

Како жител на Њујорк плаќал најмногу во споредба со Американците. Дури четири вида даноци, социјалноздравствен, локален, државен и федерален. Затоа платата била повисока. Другите ако работеле за 3 долара, во Њујорк се давале 7 долара од час. Блаже работел со некој колега. Кога колегата бил на одмор, целиот товар паѓал врз него.

– Бев главен тука. Помошникот го прашуваше газдата дали два месеца ќе го пушти на одмор да појди кај мајка му во Унгарија. А овај му вели: ,,Не прашувај ме мене, прашај го Блажета, ако те пушти!,,. Многу одговорна работа. Секаде мора да работи чешмата, светилката, да не биде темница, оти веднаш ќе се жалат, ќе има поплаки. Плаќаа чесно. Нема лага. Народот таму е културен и чесен – тврди нашиот печалбар.

Родниот крај не се заборава. Блаже колку и да е далеку, во своите мисли го има својот народ и татковината. Од почеток делел од печалбата за помош за родното место. Особено за црквата ,,Воскресение Христово,, во Алинци. Била почната да се гради од 1970 година. По пет години, се завршила со помош на иселениците.

– Неколкумина од Њујорк прво дадовме по 200 долари и така почна акцијата. Потребни се поголеми донации. Оти со по 10 долари црква не се гради. Кога правевме манастир, по цела плата дадовме. И за црквата прашав колку чини камбанаријата. Друг да не се меша – камбанаријата е моја обврска. Дадов пари, дадоа и други, и се заврши работа со црквата. Неодамна помогнав со фрижидер и протечно бојлерче – постапил како голем верник, Мирчески. Тој е човек со спортска дух. Не може да не го спомне спортот, фудбалот. На телевизија редовно гледа фудбал, спорт кој го засакал уште од детските и младешките години. Уште од 1949 година го гледа тимот ,,Гоце Делчев,, кој наредната година го менува името во ,,Победа,,. Од Алинци до Прилеп доаѓал редовно со велосипед.

-Го оставав кај еден Ристе од Селце, кој живееше во Старо Корзо. И оттука на игралиште. Во недела, кога ќе имаше натпревар, бев тука. Преполно беше народ. Идеа од селата. Голман прво беше Келтане, после Гически. Еднаш требаше да отпадни Победа. Идеа да гледаат многу битолчани. Гледаа, а некои беа против и се радуваа оти отпаѓаме. Ама во пресудниот меч, во Ниш со Раднички, зедовме два бодам, и останавме. Ги паметам најдобрите, како Кекеле, Каше, Малинков. Тој беше опасен со лактото. Со него ниеден противник не можеше да излези накрај. Затоа го викавме ,,гума за бришење,,. Сé бришеше пред себе. Даваше голови, а публиката викаше од радост – до детаил ги помни миговите со Победа.

Ниту преселбата во Њујорк, во нефудбалската земја, не го одделува од фудбалот. Во 1970 година, во Њујорк се формира фудбалскиот клуб Космос. Набргу се прославува низ светот, бидејќи за него играше фудбалскиот крал, Бразилецот Пеле. Играа и други ѕвезди како Германецот Бекембауер, Италијанецот Кинајла, Југословените Богичевиќ од Звезда, Димитријевиќ од Раднички Ниш, Топиќ кој играше во Германија.

– Имав среќа да го видам Пеле одблизу и да разговарам со него. Од каде си, ме прашува. Од Југославија, му велам. Богичевиќ, најдобриот играч ми го зеде. Имате вие во Југославија многу добри играчи. Требаше да земам уште еден од Динамо Загреб, но не успеав, ми рече – се враќа на разговорот со најголемата спортска ѕвезда во историјата.

За натпреварите карта од најскапите, по 20 долари, купувал совреме, за да гледа од најдоброто место – третиот ред Имало што да се види. Тешко некој да го совладал Космос, кој станува шампион во 1977 година. Стадионот бил секогаш преполн. Се наоѓал во Њу Џерси. Пеле сакал да го изградат во Њујорк, но не се нашло погодно место со потребната големина. Кога почнал да игра Пеле, се одело на друг стадион ,,Јенки,,. Уште од вечерта се собирале од сите страни гледачи за натпреварот наредниот ден. Немало доволно место, паркинг, за автомобилите. Затоа се преместиле во Њу Џерси.

– Дури беше Пеле, не пропуштав натпревар. Последниот му беше со Сантос. Играше до полувреме, потоа излезе и го замени мајстор Боги – Богичевиќ. Тогаш, пред да излезе, Пеле изведе слободен удар од 30 метри. Чудно е како најде некој сантиметар покрај стативата. Гоооол! Кога викна и се дигна народ, невидено нешто. Толку многу публика беше за фудбал, што тие со бејзбол се исплашија. Велеа: ,,Бејзболот наш готов е. Отиде!,,. – загрижено зборувале Американците.

Блаже во татковинава се враќа по 43 години печалба, во 2013 година. Причина било што починала сопругата. Во консултација со роднините, ја погребал во Алинци. Така судбината сакала наредната етапа од животот да ја минува во Прилеп, во куќата од Типската населба.

– Претпладне, попладне, секој ден се собираме кај клупите во паркчето од населбата. Оти ако немаш друштво – немаш ништо. Најблизок сум со соседот Ристе. Бил во Германија, јас во Америка. Си раскажуваме како сме поминале. Низ расположение ни врват деновите пензионерски – заврши Блаже Мирчески.

Живеел и на Флорида

До 1992 година Блаже живеел во Њујорк, а потоа се преселува на Флорида. Во топлиот крај го влече роднината, внукот, познатиот биснисмен и политичар, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски. Татко му на Џорџ и жена му на Блаже биле брат и сестра. Блаже продолжил да работи и таму. Во пензија заминал во 1988 година.

Гледа деца-фудбалери

Блаже многу се разочарал што Победа последниве години не може да ја гледа во градов, бидејќи нема сопствен терен. Поради реконструкцијата на стадионот. Затоа наоѓа алтернатива. За викендите постојано е на теренот со вештачка трева.

– Има одлични деца од Прилеп, Скопје и другите градови, Уште кога идат сабајле автобусите, тргнувам кон игралиштето. Има што да се види цел ден. Едни завршуваат, други почнуваат – кажува тој.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.