Ракометниот Клуб Прилеп одржа пресс конференција за медиумите на која ги промовираше своите нови ракометари, амбициите на клубот за следната натпреварувачка сезона, настапот во ЕХФ купот, како и за организацијата на вториот по ред меморијален турнир “Миле Нешкоски”. Прецедателот на клубот ги претстави грузиецот Теимураз Орјоникидзе, кој ќе настапува на бековската позиција, потоа пивото Александар Тренчески, кој доаѓа од Вардар Јуниор и Огнен Трајковски од Работнички, кој ќе ја пополни голманската позиција заедно со Милош Рајичиќ. Мариновски меѓу другото упати голема благодарност до поддржувачите на клубот Мермерен Комбинат, АД Витаминка, Конфекција Кули, Матадор, Агенцијата за обезбедување МК, Кафе Булевар и до локалната самоуправа на општина Прилеп, кои учествуваа со најголем дел во буџетот на клубот.
Секретарот на клубот Рубин Седлоски зборуваше за организацијата на натпреварите за турнирот, учесниците, распоредот на натпреварите и истакна дека влезот во универзална сала ќе биде бесплатен за сите љубители на ракометот во градот. Двомечот во ЕХФ купот против швајцарскиот вицешампион ВИНТЕРТУР, во договор со двата клуба и европската куќа на ракометот, ќе се игра во Прилеп на 3-ти и 4-ти септември. А, за подетални информации, клубот ќе излези со соопштение за јавноста непосредно пред натпреварите.
Исто така на оваа конференција, Мариновски го промовираше Ице Соколески во нов координатор на младинските категории во клубот. Соколески останува асистент на Томе Петрески во првиот тим, а ќе ја координира работата на Страшо Илиески и Кочо Трајкоски. Соколески упати благодарност до управата на клубот за направените напори при скромниот буџет да се издвојуваат средства за школите и истакна дека тоа е основана цел на клубот, бидејќи Прилеп бил и ќе биде клуб кој секогаш се потпирал на сопствен кадар. Покрај првиот тим во официјална лига во организација на РФМ, РК Прилеп ќе се натпреварува во младинска и пионерска конкуренција.