Ристески: Ќе направиме се’ што можеме за да помогнеме на фабриката „Макпрогрес“ од Виница во овој тежок период

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески денеска ја посети фабриката на компанијата „Макпрогрес“ од Виница, каде во саботата изби голем пожар во погоните и магацините на фабриката.

Пожарот нанесе голема штета и уништи дел од имотот, опремата и капиталот на фабриката која е една од најголемите производни капацитети во Македонија.

На средбата со извршниот директор на „Макпрогрес“ Глигор Цветанов, заменик-министерот Ристески кажа дека државата ќе направи се што е во нејзина можност за да го помогне опстанокот и обновувањето на компанијата. Цветанов на средбата потенцираше дека компанијата претрпела сериозни штети од пожарите, но дека ниту еден од вработените од нивните капацитети нема да остане без работното место и плата.

Ристески даде поддршка на иницијативата на Стопанската комора за кампања за зголемена продажба на производите на оваа компанија и ги повика сите граѓани да се приклучат на оваа и сите останати иницијативи за поддршка на компанијата преку купување на производите кои се дел од компанијата „Макпрогрес“.

– Мораме да го поддржиме домашното производство и ваквите акции и апелите од коморите и јавноста на социјалните мрежи, уште еднаш ја покажаа солидарноста на нашите граѓани кој знаат да се обединат и да помогнат кога е најтешко. Ги повикувам сите граѓани заедно да помогнеме во опстанокот на оваа компанија, да купуваме производи од брендовите на „Макпрогрес“ со што ќе и помогнеме на компанијата и нејзините вработени – кажа заменик-министерот Ристески.

„Макпрогрес“ од Виница е основана пред 35 години со повеќе од 500 вработени лица. Компанијата е една од најголемите компании од кондиторско-пекарската индустрија, која 75 проценти од своето производството го извезува во 45 држави во светот. Дел од брендовите на „Макпрогрес“ се производите „Винчини“, „Сончева Долина“, „Натура“, „Дониа“…




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.