Поранешниот градоначалник на Прилеп, преку фејсбук статус се потсети на немилите случувања на Карпалак пред 20 години, каде самиот беше сведок.
8 Август – голем ден! Голем празник Света Петка!
Ден на сеќавања, неизмерна тага за прерано изгубените животи и огромна болка во нас преживените… вечна рана…
Ден на непребол за сите нас, за Прилеп, за Македонија… Ден со крв испишан во историјата на Македонија!
Чест и гордост беше да се бориме со Вас херои Прилепски, во одбрана на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата татковина!
Секоја година е присутно чувството на разочараност, затоа што сторителите останаа недопрени… а предавството од страна на тие кои дозволија нашиот конвој да биде упатен необезбеден, никогаш нема да го простиме!
Немирот е присутен секогаш кога лицемерно се положуваат цвеќиња пред спомениците на хероите, а недостоинствено и без грижа на совест и срам се распродаваат националните интереси стекнати со крв и пот… исто како и Карпалак!
Споменикот Карпалак е симбол на вечност, а негрижата за него – непочитување, избледување и заборав на славниот дел од историјата… разорување на раните… поттикнување на болните емоции…
Почит за херојството, пожртвуваноста, несебичноста и жртвата на бранителите кои застанаа на браникот на Македонија!
Храброста на бранителите нека биде поттик за вечна љубов кон татковината на идните поколенија, а споменот за Карпалак засекогаш во срцата!
Вечна слава! Почивајте во мир!
Почит на семејствата на загинатите! Почит на преживеаните!
Да е вечен споменот за Карпалак! Да е вечна Македонија!