Ристески пред два месеци најави, “Гентерм” и Владата денеска потпишаа – 30 милиони евра нова инвестиција и 300 нови вработувања

Она што пред два месеци го најави при посетата на ТИРЗ Прилеп, актуелниот заменик министер за економија и труд, Марјан Ристески, денеска станува реалност.

Ристески заедно со директорот на Дирекцијата за Технолошки-индустриски развојни зони, Гоце Димоски, тогаш најавија инвестиции од постојните фабрики, но и интерес за инвестирање од други инвеститори за изградба на нови производствени капацитети.

Два месеци подоцна, американскиот гигант “Гентерм” ја објави својата нова инвестиција, односно проширување на постоечкото производство со дополнителни капацитети.

-Инвестицијата ќе изнесува повеќе од 30 милиони евра со 300 нови вработувања. Ова значително ќе го зголеми извозот и ова е високо технолошко производство кое докажува дека сме конкурентни и на тој пазар – објави на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска имаше средба со раководството на компанијата.

Токму американски “Гентерм” беше првата фабрика во ТИРЗ Прилеп. Фабриката ја отворија во време кога во градот под Марковите Кули имаше цела армија на невработени лица – или близу 18.000. Од тука својот леб денеска го заработуваат околу 2.000 наши сограѓани, а дополнително и голем број други помали фирми кои се добавувачи со различни репроматеријали, храна и сл.

Во ТИРЗ Прилеп успешно функционираат уште две странски компании – фабриката на “ВИК”, која веќе изгради дополнителни производствени капацитети, како и фабриката на “АКОМПЛАСТ”.

Oвие компании значеа залечување на девастираната прилепска економија и донесоа конкуренција во понудата за работна сила, а со тоа и раст на платите на работниците.

Прилепчани се сеќаваат на поставувањето камен темелници пред десетина години, но за жал во изминатите 8 години немаше нови инвеститори кои дополнително би придонеле за раст на побарувачката на работна сила, а со тоа и на платите.

-Gentherm со овој нов инвестициски циклус се потврдува она што сите го чувствуваме – дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочни, стратешки и технолошки напредни инвестиции – напиша Мицкоски на ФБ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.