Прилеп утре ќе се присети на трагичниот настан од 08.08.2001 година, кога десетмина прилепчани свирепо и од заседа беа убиени за време на воениот конфликт кај Карпалак. Поранешниот градоначалник на општина Прилеп, Марјан Ристески, кој тој ден беше дел од конвојот на Карпалак се присети на настанот и изрази сочувство кон семејствата на загинатите бранители.
На својата Фејсбук страна Ристески напиша:
“Херои прилепски, јунаци македонски.Задоволство беше да се борам рамо до рамо со Вас мои соборци од Карпалак, но и многуте други бранители кои застанаа на браникот на татковината во тежок период. Достојно спроведуваќи ја нашата граѓанска обврска да си ја браниме државата ,заминавме горди и во занес од љубов кон Македонија, која и ден денес ни е се!
За жал 10 мина од нас не се вратија, положуваќи ги своите млади животи за Македонија, за сите нас кои денес живееме во неа.Ги оставија своите блиски во вечна тага и непребол и тие треба да бидат горди на нив за нивната храброст и жртвата што ја дадоа за нашата Македонија!
Злосторниците кои кукавички не нападнаа од заседа се надеваме дека еден ден ќе бидат изведени пред лицето на правдата и пред Бога , ќе платат за овој кукавички чин и злостор што го направија.
Браќа! Засекогаш ќе бидете во нашите срца, почивајте во мир херои наши!
Да изразам сочуство и почит и на нашите браќа соборци кои починаа и после овој настан и за жал ги нема со нас на овој голем ден 8 Август. Ги нема заедно да тагуваме, да оддадеме почит, да се сеќаваме на овој ден, ден кој со крв е испишан во историјата на Прилеп и нашата Македонија.
Секоја чест и почит на семејствата на загинатите, почит на преживеаните херои од овој настан кои секогаш се спремни како и во 2001 да застанат на браникот на татковината, која заедно со нас е во вечна борба за правда и опстој…
Македонија да ни е вечна !
Да е вечен споменот за Карпалак!”
Инаку за време на мандатот како градоначалник во Прилеп се подигнаа два споменици посветени на бранителите во Прилеп, спомен комплексот “Карпалак” и споменикот “Прилепски бранители”.