Човекот кој од ден во ден ја пустоши и распродава Македонија денеска е во посета на Прилеп. Зоран Заев, човекот кој со мегаломански лаги купуваше гласови од прилепчани, денеска е во посета на градот кој благодарение на него и неговите локални функционери уназадува во секој поглед – истакна на вчерашната прес конференција Петар Ристески, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата во продолжение ја пренесуваме во целост:
“Денеска во Прилеп е Зоран Заев, премиерот кој промени име на државата, распродаде идентитет и историја, ветувајќи сигурна европска перспектива.
И додека лажеше дека Европа ќе ни даде датум за преговори, во Собранието си протна Закон со европско знаменце за опојни дроги, сакајќи веројатно да ги зајакне фамилијарните бизниси за одгледување на марихуана.
Кога веќе сте тука прошетајте наоколу и уверете се дека Прилеп полека, но сигурно изумира. Прилеп се враќа во времето кога вашите сопартијци го оставија со цела армија невработени луѓе.
Ништо подбро не е ниту денеска, вашата неспособна власт не донесе ниту една нова инвестиција, не отвори ниту едно работно место и не создаде ниту еден капитален проект.
Дојдовте во градот во кој вашите непотисти направија пустош, градот кој секојдневно се празни и останува без млади луѓе, без доктори, без перспектива…
Дојдовте по патот чија изградба стагнира откако сте на власт и за кој државата веројатно ќе плаќа милионски оштети поради вашата неспособност.
Мизерните 7,7% реализација на капитални инвестиции од општина Прилеп и уште полошо, катастрофалните 28% на вашата Влада, си го направија своето.
Тие кои денеска ве пречекаа градат мовчиња за 500.000 евра, купуваат 4 автобуси за 1 милион евра, граѓаните ги газат со ароганција и се однесуваат како градот да е нивна лична сопственост.
Еве кога сте тука, прашајте го градоначалникот до каде е реализицијата на неговите изборни ветувања, прашајте го зошто на прилепчани им ги покачи сметките за вода за 60%, иако им ветуваше за 20% пониски.
Прашајте го како исти фирми градат насекаде? Дали иста фирма гради зграда кај медицинското училиште и хотел во градскиот пазар? Прашајте го Јованоски дали тој има лична релација со оваа фирма?
Наместо денеска граѓаните да ги замајувате со нови бескорисни ветувања и да им ветувате одново нов живот, наредете се еден до еден пред Градскиот саат, местото од каде ја најавивте двојазичноста, и дадете си колективна оставка.
Прилепчани ќе ви бидат благодарни!”