Ристески: “Ако си роднина со градоначалникот ќе се вработиш и ќе бидеш директор?! Тоа е новиот живот во градот што се распаѓа?!” (ВИДЕО)

Советот на Општина Прилеп денеска ја одржува 20-та седница. На дневен ред беа 70 точки.

По одржувањето на седницата изјава за медиумите даде координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Петар Ристески, кој уште еднаш го потенцираше непотизмот кој владее во општината под раководство на градоначалникот Илија Јованоски.

Ристески посочи дека на седницата била донесена одлука за формирање на Јавно Претпријатие за енергетски дејности, на кое како директор било назначено лице кое е роднина со градоначалникот Јованоски.

“Најверојатно да си во роднинска врска со градоначалникот е единствен услов за да се вработиш во јавните претпријатија или општината”, посочи Ристески.

Ристески посочи дека благодарение на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата неколку точки од дневниот ред биле одложени.

Едната од нив се однесува на пречистителната станица. Односно со оваа одлука се планирало граѓаните да се задолжат да плаќаат по 17,8 денари за пречистување на еден метар кубен вода.

“Градоначалникот пред изборите ветуваше 20% пониски сметки за вода. Доколку оваа одлука помине во иднина граѓаните ќе плаќаат по околу 300 денари повеќе на сметките за вода, што значи дека за 100% ќе се покачат сметките”, додаде Ристески.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.