Изборните штабови и машинерии на политичките партии полека, но сигурно се подготвуваат за престојните локални избори. Реториката се заострува, се прават анализи за да се изберат најдобрите кандидати за градоначалници и членови во советите, се интензивираат теренските посети…
Прилеп несомнено е еден од градовите кој е од огромно значење за двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Победата тука познавачите велат дека ја отсликува ситуацијата во целата држава, па неслучајно во минатото двете партии ставале силен фокус на градот под Марковите Кули.
Со оглед на тоа, правиме анализа на изминатите локални изборни циклуси и резултатите кои ги постигнаа политичките партии.
На минатите локални избори ВМРО-ДПМНЕ со актуелниот градоначалник, Борче Јовчески, издвојува огромна победа со разлика од 7.500 гласа. Победата не беше случајна и беше одраз на погрешните политики на претходната владеачка структура, како и на лошото менаџирање со општината.
ВМРО-ДПМНЕ со оваа победа ја задржа традицијата постојано да победува во т.н. бастион, каде всушност речиси и да нема загубено.
Гледано наназад, од локалните избори во 2005 година, кога на чело на општината дојде актуелниот заменик министер за економија и труд, Марјан Ристески, партијата нема загубено на избори во Прилеп. Некој ќе рече, дека партијата претрпе пораз во 2017, кога Ристески по четврт пат ја бараше поддршката на граѓаните, и ќе згрешат.
Во тој изборен циклус противник на Ристески беше Илија Јованоски, а стануваше збор за избори кои се одвиваа под силни притисоци, со екстремен инженеринг, нелегални прислушкувани разговори, со огромно полициско присуство….
Во едни вакви околности загуби ВМРО-ДПМНЕ, но не и Ристески, кој освои 20.917 гласови, бројка на гласови која партијата за време на неговото владеење редовно ја поседуваше, за разлика од СДСМ кои во Прилеп знаат да паднат и под 10.000 освоени гласови.
Изборните резултати на партијата во тие години главно се должеа на одличното менаџирање со општината. Прилеп беше лидер во искористување на пари преку проекти, како од Владата, така и од меѓународните фондови и Европската Унија. Градот доживеа вистинска ренесанса, а во бенефитите уживаа сите.
Ако се вратиме малку поназад и ги прегледаме изборните резултати од локални избори во 2013 и 2009 година, ќе видиме дека Ристески освои рекордни 29.266 во 2009 и 28.632 гласови во 2013 година, резултати кој тешко дека било која политичка елита некогаш ќе ги повтори во градот под Марковите Кули.
Имајќи го во предвид сето ова, не случајно неговото име повторно се споменува меѓу потенцијалните кандидати на владеачката партија за престојните локални избори.
Kaко ќе одлучат од ВМРО-ДПМНЕ останува да видиме во периодот кој следи.