Рај за очи и одмор за душа! Во Прилеп ќе се одржи 28-от Државен орнитолошки шампионат на Македонија

Ретко кое граѓанско здружение од нашиот град може да се пофали со 56 години континуитет, ентузијазам, љубов и посветеност.

Од 1967 година како “Канарија” до 1998, а потоа како “Кардинал”, па се до денешен ден, друштвото за заштита и одгледување на птици од Прилеп опстојува континуирано како непрофитно и аполитичко здружение на граѓани – вљубеници во природата и птиците.

Низ годините во друштвото членуваат бројни активисти и ентузијасти од сите социјални слоеви, кои на свој начин дале несебичен придонес во развојот и работата на друштвото.

Петар Настески, Блаже Тодороски,Слободан Данче Михајлоски, Кире Илиески, Боро Рикалоски, Милан Мимичкоски, се само дел од плејадата на активисти кои поминале низ друштвото и добар дел од своето слободно време го посветиле во практикување активности кои произлегуваат од статутот на друштвото.

Главните приоритети на друштвото секако се активности од еколошки карактер, како: пошумување на месноста Шаторов камен, вештачкото езеро и други локации во околината на Прилеп, прихрана на птиците во природата за време на екстремни временски услови, и особено организација на изложби од натпреварувачки и ревијален карактер (градски ревијални изложби и организација на Државен шампионат на Македонија).

Покрај многуте ревијални изложби, друштвото беше организатор на Државниот шампионат во 2000-та година, а ќе го организира и 28-от Државен шампионат на Македонија, кој ќе се одржи во Прилеп од 14-17декември 2023 година, во просториите на Домот на културата “Марко Цепенков”.

Дојдете, погледнете ја изложбата и уживајте во убавината и разноликоста на птиците.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.