За нашата рубрика Истражи ја Македонија, денес ве носиме во западниот дел на Македонија и преку автентични фотографии ви ги прикажуваме убавините на Маврово со населените места Ростуша и Јанче, ледничкото езеро Локуф и манастирот Св. Јован Бигорски.
Ќе тргниме по ред и ќе ви отсликаме пред се што е она што треба да го привлече вашето внимание, да ве натера да ги посетите овие места и да ги почувствувате одблиску.
Маврово е населено место во склоп на општина Маврово- Ростуша. Според стара легенда на ова место се одиграла страшна битка во минатото, па поради тоа местото го добило своето име “Мавро” или “Црно” (поле). На надморска височина од 1230 метри ова место е идеално за спорт и рекреација, за полнење на белите дробови со чист воздух, за уживање и доживување. Маврово е дел од најголемиот од трите кај нас национални паркови и е првото место каде што ве носиме во ова разгледување.
Ростуша припаѓа на Долно реканскиот дел на Македонија, сместено на падините на планината Дешат над реката Радика. Селото изобилува со стари градби, која од која поубава, која од која по драгоцена. Она што особено сакаме да ви го пренесеме од овој предел се Дуфските Водопади и езерото Локуф.
Оддалечени само 30тина минути од селото, водопадите се главна атракција и вистински празник за очите. До нив се стигнува преку Дуфскиот кањон кој исто така претставува своевидна атракција.
Ледничкото езеро Локуф е гордост на овдешните жители, сместено во прегратките на Дешат планина, локацијата на езерото нуди можност за прекрасни погледи кон природните пејсажи. Ова можеби малку познато за туристите езеро нуди раскош на природата како во бајките. Тука ќе имате можност да пробате од прекрасното сирење познато како Требишко и други млечки тазе производи од ова поднебје.
Следно ве носиме во Јанче, една од најстарите населби во мијачкиот регион која датира од пред повеќе од 5 века. Она што е посебо интересно за ова село е тоа што поседува специфична клима, како што велат жителите тука, дури и на 50цм снег во зима ,Јанче не останува отсечено од светот, туку снегот веднаш се топи. Сместено и збиено како гнездо во планинските врвови, селото нуди интересна архитектура на градбите, како да се изградени од највештите мајстори.
Не така далеку од овие локалитети се наоѓа и манастирот Св. Јован Бигорски. Кој бил тука знае за возвишеноста, мирот, спокојот и убавината кои ги носи во себе ова светилиште. Основан во 1020 година и возобновен во 1743 година, манастирскиот комплекс носи огромна историја во себе и едено од најстарите свети места во Македонија.
Во манастирот се наоѓаат свети мошти на Св. Јован Крстител, на Св. Трифун, Св. Параскева, Св. Пантелејмон сместени во големиот кивот на кој уште има вградена честичка од чесниот крст.
Кога веќе се наоѓаме на овие предели на Македонија, не смееме а да не ги спомнеме и другите пропратни места кои додатно ќе ви го одземат здивот и ќе ви ја надополнат авантурата. Тука би ги спомнале црквата Св. Никола во Маврово, рагионот на Лазарополе, Мавровското езеро, пештерата Шаркова Дупка и сафари паркот Бунец во националниот парк Маврово.
[Best_Wordpress_Gallery id=”59″ gal_title=”Раскошот на реканско-мијачкиот дел на Македонија”]
Пишува : Александар Георгиоски