Вардар ја запиша и третата последователна победа во ЕХФ Лигата на шампиони.
Тимот на Давид Писонеро во третиот натпревар од групната фаза запиша победа над украинскиот Мотор Запорожје со 30:31 (18:16 на полувремето), а сето тоа преку вистинска драма која траеше до последната секунда од натпреварот.
Украинците на одличен начин се спротиствија на Европскиот шампион. Водеа до 8:4, 10:6, 17:14…, а во второто полувреме се играше гол за гол и во постојан егал, или со водство од 1 гол.
Мотор водеше во 56-та минута со 30:29, но Чупиќ и Криштопанс успеаа да го свртат натпреварот, па во последните 95 секунди мрежите мируваа.
Интересни беа последните 30-тина секунди и акцијата која можеше да го чини Вардар нерешен резултат.
Вардарци ја имаа топкaта во посед после последниот тајм-аут и требаше да ја задржат, но шутот на Скубе беше задржан од голманот на Мотор. Тогаш на Украинците им останаа уште 5 секунди за израмнување, па упатија шут од 18-19 метри. Топката го совлада голманот на Вардар, Гебдане, но за среќа веќе се слушна звукот на сирената пред топката да ја премине гол линијата.