Тимот на Радовиш во пролетниот дел од сезоната домашните натпревари ќе ги игра во реновираната сала „25 мај“.
Реновирањето започна пред околу месец дена и сите активности се очекува да бидат завршени наскоро.
Поради тоа натпреварот од 16-то коло во ракометната Супер лига, кој се игра вечерва со почеток од 19:30часот, ракометарите на Радовиш ќе го играат како домаќини во Прилеп.
Радовиш кој има само 1 освоен бод сезонава, е противник кој РК Прилеп мора да го добие, но жално е тоа што спортските клубови во градот под Марковите Кули, натпреварите и понатаму ги играат во спортски сали.
Натпреварот вечерва стандардно ќе се игра во спортската сала на СОУ “Ристе Ристески-Ричко”, а ставањето во функција на Универзалната сала се’ уште не е на повидок.
Универзалната сала не е во функција повеќе години, а веќе видливо е дека времето остава траги врз овој некогаш грандиозен спортски објект.
По долгогодишна иницијатива на спортистите, спортските клубови и општина Прилеп, за враќање во функција на Универзлната сала – или спортскиот храм на прилепчани, летоска конечно некој висок функционер го посети Прилеп и даде цврсто ветување дека работите ќе тргнат од мртва точка и дека прилепчани наскоро ќе се вратат на трибините и ќе ги бодрат своите спортски миленици.
Тогаш во посета на Прилеп беше министерот на новоформираното Министерство за спорт, Борко Ристовски, кој вети враќање во функција на овој спортски објект до есен, но во Универзална се’ уште нема активности.