Работел на покривањето на Градскиот саат во Прилеп, а денеска е еден од последните чувари на еснафскиот дух во Старата чаршија (ВИДЕО)

Петре Талески е еден од ретките занаетчии во прилепската Стара чаршија во денешно време.

Во неговата лимарска работилница, иако е од поново време, сеуште може да се почувствува духот на стариот прилепски еснаф и духот на стотиците мајстори кои живееле и твореле низ вековите во чаршиските сокачиња.

Дуќанот на Талески е сместен во познатата улица на бочварите и датира од 80-тите години на минатиот век.

“Работниот ден е тежок, но интересен”, вели Петре Талески и додава дека од лим се прават од бории и ѓумчиња, до цели кровни конструкции и олуци.

Taлески е еден од работниците кој во 1984 година работел и на покривањето со лим на Градскиот часовник, па прилепчани го познаваат и по тоа.

Занаетот започнал да го учи кај мајстор Момироски Благоја, а за занаетот вели дека секогаш постои нешто ново што во зависност од потребите и побарувачката може да се појави.

Талески вели дека низ годините заработувачката била подобра, но и денеска кој сака да работи може да обезбеди егзистенција.

Целото интервју за утринската емисија “Ја сакам Македонија” на TВ “Сител”, погледнете го во продолжение:




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.