Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вели дека има слаб интерес кај луѓето да се пријават на конкурсот за попишувачи за претстојниот Попис и оти им недостигаат од 1000 до 1500 лица
Тој смета дека слабиот интерес за попишувачи не се должи на пандемијата, туку поради тоа што огласот бил излезен за време на летните одмори, во период кога има работа во земјоделството и кога луѓето се заминати сезонски да работат надвор од државата. Во вечерашното гостување на телевизијата „Сител“ Симовски апелира заинтересираните да се јават на конкурсот.
– Пописот напролет се одложи за септември. И ова беше период кога моравме да го објавиме огласот за попишувачи. Не очекував дека ќе има толку слаб интересот, особено во пописните реони кои го покриваат градот Скопје и околината, Охрид, Струмица, Ново Село и пописните реони каде што живее албанското население. Ни недостасуваат околу 1000 до 1500 попишувачи, вели Симовски.
Тој информира дека во 20 реони од вкупно 50 веќе има задоволителен број попишувачи.
Симовски оценува дека стравот од пандемија не е причина за малиот интерес на граѓаните да аплицираат за попишувачи, оти огласот бил објавен во време кога бројот на заразени бил многу мал. Но, и сега кога бројот се зголемува, луѓето инсистираат да нема никакви мерки.
– Инсистираме да одиме по кафеани, журки, да правиме свадби. Ако имаме страв од пандемијата за пописот, зошто немаме страв од работите кои ги набројав. Непочитувањето на мерките не доведе до ваква ситуација. Од една страна велиме, се плашиме, не примаме попишувачи и не сакаме да бидеме попишувачи, а од друга страна, сакаме да седиме по кафеани и ни пречи да се вакцинираме, вели Симовски, потенцирајќи дека тие работи се малку нелогични, односно пандемијата да се земе како оправдување.
Според него, има доволно време да се пријават заинтересираните на огласот за попишувачи за кои обуката почнува од 28 месецов.
– Ќе ги искористиме сите можности да ја пренесеме информацијата дека ни требаат попишувачи, потенцира Симовски, кој, меѓу другото, смета дека луѓето не се доволно информирани дека им требаат попишувачи.
Доколку не успеат да соберат доволен број попишувачи, Симовски вели дека имаат план Б, но се надева дека, сепак, нема да има потреба од алтернативи.
Директорот на ДЗС истакна дека пописот ќе се спроведе според мерките за заштита. Половина од попишувачите веќе се вакцинирани, а другите изразуваат желба за да бидат имунизирани.
Тој потенцира дека пописот е законска обврска и не сака да бидат доведени во ситуација да применуваат санкции. Според законот, Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2021 година треба да се одржи од 5 до 30 септември.