Секторот за внатрешни работи Битола до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против двајца битолчани, едниот 23, а другиот 25-годишен, осомничени дека сториле кривично дело – Тешка кражба од член 236 од Кривичниот законик – (објавено во извадок од дневни настани на МВР на 25.02.2022)
Имено, пријавените во периодот меѓу 23.02.2020 година и 12.07.2021 година, насилно влегле во заклучен стан на улица „Борис Бастеро“ во Битола чиј сопственик бил подолг период во САД. Во повеќе наврати се враќале во станот и одземале предмети, меѓу кои шест бас гитари, автомобил „Порше кајман С“ и автомобил „БМВ Х3“,и двете со битолски регистарски ознаки и други предмети, со што се стекнале со вкупна противправна имотна корист во вредност од 4.522.457 денари.
Од страна на полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола, во координација со Основното јавно обвинителство Битола, Сектор за организиран и насилен криминал при Министерството за внатрешни работи на РСМ и Секторот за внатрешни работи Скопје, преземени се повеќе опетаривно тактички мерки ,при што пронајдени се шесте одземени гитари и вратени на сопственикот. Во соработка со СВР Охрид, на 01.03.2022 на патот Струга – Охрид пронајдено е и возилото „Порше кајман С“ за кое е утврдено дека се работи за украденото возило и истото ќе биде вратено на сопственикот. Понатаму се преземаат дејствија за пронаоѓање и на другото возило и останатите предмети. Осомничените се лишени од слобода и од страна на јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд на двајцата одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена .