Единствениот македонски загубар, прилепски „Еурокомпозит“, и понатаму останува како еден од најнегативните примери за неажурноста и комплетната незаинтересираност на државата за спас на македонското стопанство. После безбројните ветувања, добиени буквално од сите структури на власта, „еурокомпозитовци“, повторно излажани и изманипулирани. Овој пат од страна на премиерот Заев и од двајцата министри Битиќи и Бектеши, кои, уште во април, ги задолжил, за конечно решавање на статусот на Компанијта. Работниците се гневни и лути. Велат, ги исцрпиле сите адути за да ја натераат државата барем малку да реагира – објави “АЛФА ТВ”
„Ги задолжи во рок од два месеци да се реши статусот на вработените…Тие што сме појдени како технолшки вишок да ни се платат придонесите, воедно и на сите вработени, како прва точка, а како втора точка му е да се најде стратешки партнер и доколку не се најде стратешки партнер да се оди во ликвидација….Еве, и информација до премиерот дека задолженијата што им ги дал, ама од мртва точка не се помрднати“, – вели Цветан Бунтески, претставник на ИО на поранешните вработени од „Еурокомопзит“.
Освен со работниците – технолошки вишок, состојбата е очајна и со вработените во фабриката. „Вработените во фабриката веќе две години се без плата, со никаков статус. Значи ни здравство, ни плата, а што е пак уште поконтрадикторно, Одбор на директори си постои и тие си земаат пари, а никаква активност немаат“, објаснуваат нашите соговорници, и додаваат дека лага бил и наводниот стратешки купувач на фирмата.
„Наводно имало заинтересирано стратешки купувач, ни го кажаа нас, ама ајде да не го шириме во јавноста од каде е, демек од моќна држава е, што НАТО го снабдувал со оружје, па наводно ќе ја купел и „Еурокомпозит“….Ќе го спомнам господинот Анѓушев, рече купувачот е најден, во авион, ама чекале да направи аеродром во Велес, па да слезе купувачот за да ја купи фабриката. Лаги невидени…“- иронизира Борко Томески, член на ИО на поранешните вработени од „Еуркокомпозит“.
И вработените, и работниците – технолошки вишок, не се задоволни ниту од новиот претставник на општествениот капитал, прилепчанецот Александар Талимџиоски. Велат дека и тој за овие неколку месеци, ама апсолутно ништо не направил, освен што побарал некаков попис на веќе испустената фабрика. „Еурокомпозитовци“ се закануваат со штрајк под шатори пред општинската зграда во Прилеп.
Каролина Дурло