Од неодамна цената на Метанот, ја достигна рекордната вредност од 204 денари за килограм. За да биде појасно што значи тоа за ова Јавно претпријатие, морам да ви ги презентирам следните податоци – истакна на денешната прес конференција директорот на ЈП за ПУП Прилеп, Зоран Јовески.
Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:
Просечната цена на метанот, гориво кое исклучиво го користат aвтобусите на Јавниот градски превоз, (оние многу споменувани и скапо набавени), минатата година се движеше од 37 до 40 денари за килограм. На почетокот на оваа година, во месеците јануари и февруари просечната цена изнесуваше 100 односно 110 денари за килограм, за да деновиве, да го достигне плафонот од 204 денари. Автобусите на Јавниот градски превоз годишно трошат околу 78.000 килограми од овој енергенс, чиј единствен добавувач е Макпетрол, па заклучете сами што значи ова покачување од 90 денари по килограм за само девет месеци од оваа година.
На годишно ниво, ова покачување значи дека ЈП за ПУП треба да обезбеди додатни средства во износ од околу 6.000.000 денари. Инаку, колку за информација, цените за услугите за превоз на патници во градскиот сообракај не се корегирани уште од 2016 година до денес, и тие се добро познати и можам да кажам најниски во цела држава – 12 денари ако платите со картичка, односно 20 денари ако купите билет во Автобусот за едно возење.
Ако кон оваа ситуација на енормно покачување на овој енергенс, петкратно во споредба со минатата година, се додаде остуството на подршка од страна на Централната кон Локалната власт, вклучително и подршката на Јавните претпијатија од страна на Централната власт, се чини дека ЈП за ПУП како впрочем и сите други јавни претпријатија од градот и Републикава, приморани се да бараат излезни решенија, кои вклучуваат и корегирање на постојните цени. Или со други зборови, ЈП за ПУП ќе биде приморан на одреден начин да ги вклучи во цената новите пазарни вредности на енергенсите, а во конкретниот случај цената на Метанот и Дизел нафтата.
Почитувани сограѓани, во овој случај уште еднаш се потврдува сервилноста и незаинтересираноста на Владата во решавање на проблемите во интерес на граѓаните. Отсуството на поддршка на Локалната власт која се јавува како основач на ова јавно претпријатие, а од страна на централната власт, се чини ќе доведе и до нови и зголемнени оптоварувања на и онака катастрофалниот буџет на граѓаните. Дали ова се прави намерно при што се сака да се прикажат јавните претпријатија како помалку успешни или неуспешни, се со цел да се остварат политички поени, заклучете сами?!
Воедно, Ве известувам дека што и да биде преземено од наша страна со цел прилагодување на конкретната ситуација, тоа ќе значи прифатливо решение за граѓаните, каде нивниот интерес ќе биде ставен во прв план.