Со свечена литургија која се одржа во манастирот Света Петка во прилепското село Лениште, Здружението на пчелари од Прилеп „Братство“ го одбележаа својот патрон празник Свето Благовештение. На одбележувањето присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
„Овој празник се слави по 17-ти пат во Прилеп како ден на пчеларите во овој град и тој е во организација на Здружението на пчелари од Прилеп „Братство“. Им посакувам на сите присутни многу здравје, среќа и медна година. Го поздравувам исто така и градоначалникот Марјан Ристески од кого што добиваме огромна поддршка“, рече Дејан Бошкоски, претседател на Здружението на пчелари од Прилеп „Братство“.
„Денеска е денот на пчеларите Свето Благовештение и јас се пријавив за домаќин на овој ден. Чест ми е да ги поздравам сите присутни, да им го честитам името на сите кои слават денешниот ден, го поздравувам градоначалникот кој присуствуваше на ова одбележување. На сите пчелари им посакувам бериќетна година, да имаат многу мед и здравје“, кажа Марјан Петроски, домаќин на славата.
На овој свечен чин имаше присутни пчелари и од другите градови на Македонија.
„Дојдовме тука по покана на домаќините, им посакувам на сите пчелари многу успешна година и во Прилеп и во Битола, како и во цела Македонија“, вели Филип Крстески, претседател на друштвото на пчелари „Пелистер“ од Битола.
„Ова е убав момент да се дружиме, да поразговараме помеѓу себе, имаме доста теми за дискусија, како за проблемите во пчеларството, така до тоа како да бидеме поуспешни. Го поздравувам и градоначалникот на Прилеп, кој е тука помеѓу нас и кој несебично ги помага пчеларите од овој град, што не е пример во сите градови во Македонија. Посакувам оваа година да биде поуспешна за разлика од лани кога имавме намален принос“, истакна Љупчо Станкоски, претседател на земјоделско здружение „Агро фаланга“ од Велес.
Градоначалникот на Прилеп на сите пчелари им го честиташе денешениот ден и им посака да имаат бериќетна година.
„Традиционално во Прилеп за празникот Свето Благовештение се слави денот на медарите, денот на пчеларите, кои ги има во голем број во прилепско. Јас во оваа прилика им посакувам да имаат многу здравје, радост, среќа, бериќетна година и многу мед. Медот и производството на мед значат многу за економијата на нашиот град, затоа ние како локална самоуправа даваме секогаш голема поддршка на ова Здружение. Освен за бизнис исто така одгледувањето на пчели може да биде и хоби, па така граѓаните некогаш може да направат комбинација и од двете работи и да заработат и да се релаксираат“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.