Пуштена во употреба спортската сала во ОУ „Добре Јованоски“ во Прилеп

Во Прилеп денеска свечено беше пуштена во употреба новата спортска сала во основното училиште „Добре Јованоски“, четврта во последните неколку години во овој град.

 

11

Во употреба салата ја пуштија заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и градоначалникот Марјан Ристески. Со тоа училиштето го одбележа и патрониот празник.

Според заменик-министерот Ристовски оваа сала е дел од проектот 145 спортски сали, чини 42 милиона денари и е од големиот тип на сали со простор на трибините за 500 гледачи, а е четврта спортска сала во Прилеп последниве неколку години.

– Оваа сала е дел од проектот 145 спортски сали. Досега од овој проект се изградени и пуштени во употреба 57 спортски сали. Станува збор за инвестиција од над 28 милиони евра кои Владата ги има инвестирано во изградбата на овие спортски сали. Многу сум среќен затоа што оваа сала ќе ги задоволи потребите на училиштето, но во исто време таа ќе може да се користи и од граѓаните во рамки на слободните спортски активности, изјави Ристовски.

Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески нагласи дека новата спортска сала во ОУ „Добре Јованоски“ е четврта спортска сала во Прилеп последниве неколку години.

– Овој момент е многу битен зашто за прв пат од постоењето на училиштето тоа добива спортска сала, која освен учениците ќе имаат можност да ја користат сите граѓани на Прилеп, а особено оние од населбата Тризла. Во салата ќе може да се одржуваат и бројни натпревари, салата ќе ја користат голем број клубови и спортски ентузијасти. Во ОУ „Добре Јованоски“ учат македонски и ромски ученици, и покрај спортските активности во голем мера ќе се подобрува и соживотот, рече Ристески.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.