Протоереј Љупче Петрески: “Рождеството Христово го претставува Божјото обраќање кон човекот”

(Пишува Протоереј Љупче Петрески)

“РАЃАЊЕТО НА БЕЗДОМНИКОТ ВО НАШИТЕ ДОМОВИ

Браќа и сестри во Христа!

Верни Македонци и мои прилепчани,

драги иселеници, физички распрснати по целиот свет а духовно присутни во своите огништа во родната грутка, Божик е вториот најрадосен христијански празник. Рождеството Христово донесува радост, каква што на овој свет му недостасува. И не само радост! Кога се родил Богомладенецот, ангелите пееле:„На земјата мир, а меѓу луѓето добра волја“!

Божик, драги мои Македонци, го претставува Божјото обраќање кон човекот. Преку рождеството на Синот, Бог иницирал дијалог со човекот. Која била причината за таквиот Божји чин? Одговорот е едноставен: ЉУБОВ, ЉУБОВ и само ЉУБОВ према секој човек!

Драги мои, Рождеството Христово, покрај радосниот белег, го носи и белегот на семеен празник. Македонскиот народ вели: Каде и да си, за Бадник и Божик, дома да си! И тоа што семејствата го прославуваат Божик како семеен празник има свој темел во суштината на самиот празник, во суштината на Раѓањето Христово: Бог дојде во големото човечко семејство и во малото, Свето семејство. Раѓањето на Бездомникот се слави во секој дом!

Божикната рождествена светлина да Ви исплете благослов и дар од љубов, мир и добро здравје. Во Вашите домови да влезе Богомладенецот и да ги благослови Вашите семејства. Божикната радост и светлина да ги осенат и оние кои се во болниците, старските домови, во затворите …

Со овие мисли на сите Ви посакувам среќен Божик!

ХРИСТОС СЕ РОДИ! За многу години МАКЕДОНЦИ!”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.