Со сет мерки Владата ќе поттикнува изградба на приватни детски градинки и домови за стари лица, а со законски измени ќе овозможи овие домови да можат да ги користат и странски државјани.
„Градежното земјиште за оваа намена ќе има почетна цена од 1 евро за метар квадратен, а цените на комуналиите за такви објекти да биде намалена за 95 проценти, односно коефициентот за уредување на градежно земјиште да биде изедначен со коефициентот кој е предвиден за објекти од типот на угостителски туристички објекти, комплекси и одморалишта. Исто така ќе се стимулираат правните лица кои сакаат да инвестираат во градинки и приватни домови за стари лица да ги искористат поволните кредитни линии преку Македонската банка за поддршка на развојот, посочи градоначалникот Марјан Ристески во своето обраќање.
„Со цел да овозможиме непосредна и директна комуникација отворен е кол центар на телефонскиот број 15505 каде сите потенцијални инвеститори можат да се обратат. Тоа можат да го направат и на email адресата: [email protected], посочи раководителот на подрачното одделение Филип Димитриески.
На прес конференцијата беше посочено дека ќе се формира посебен тим кој ќе ги координира активностите, а ќе биде формирана и листа на слободни и подготвени локации на градежно земјиште во градот, со намена изградба на приватни градинки или старски домови, како и листа на стари и неискористени објекти кои ќе можат да се продадат и преадаптираат за оваа намена.