На 26-ти февруари во преполната сала на мултимедијалниот центар при УГД, беше одржан солистички концерт на Марија Димкова, познат интерпретатор на народни песни од фолкорното наследство на Егејска Македонија. На концертот беа промовирани два музички ЦД-а, првото под наслов „Од фолклорното богатство на Егејска Македонија“ со осумнаесет вокални интерпретации на Марија Димкова и второто со ора од Егејска Македонија во инструментална изведби на оркестарот „Браќа Димкови’ и оркестарот „Бистри извори“ со Александар Димков, во чест на негово сеќавање.
На концертот, за Марија Димкова и нејзиниот придонес во афирмација на македонското народно творештво од Егејска Македонија зборуваа проф д-р Илчо Јованов од Факултетот за музичка уметност при УГД, Зоран Џорлев директор на националниот ансамб „Танец“ и Владимир Јаневски раководител на ансамбалот „Македонија“.
На оваа музичка вечер Македонија културно се обедини, во програмата зеде учество КУД од Негуш и Вртикоп и музичката група „Македонски мерак“ од Егејска Македонија, а гости на вечерта имаше и од Бугарија и од Албанија.