“Продолжуваат проектите за кои ВМРО-ДПМНЕ обезбеди средства, од Владата само слики и празни зборови?”

Експресниот пат Градско-Прилеп чија изградба беше најавена во 2015 година од страна на тогашниот премиер Никола Груевски, започна да се реализира на почетокот од 2016 година, а интензивно се работеше веќе летото.

Според она што тогаш беше познато, патот треба да се простира во должина од 33 километри со четири ленти, а неговата вредност да изнесува над 70 милиони евра.

Изградбата на патниот правец од Градско до Прилеп беше предвидено да се одвива во три фази, и тоа:

Првата фаза од Фариш до Дреновска Клисура во должина од 10 километри ја градеше шпанската компанија „Констракшн Рубауко“, со која беше потпишан договор во висина од 31,8 милиони евра.

Втората фаза беше предвидено да се гради од Градско преку Росоман до клучката Кавадарци во должина од 16 километри, додека пак третата фаза се планираше да започне од месноста Тројанци па се до влезот на Прилеп, во должина од 7,5 километри.

Изградбата на оваа фаза од овој значаен патен правец за жителите на Прилеп, Росоман, Кавадарци, но и на сите други општини и населени места кои гравираат околу овој регион, се одвиваше непречено се до јуни минатата година, кога власта во државата ја презеде новата влада на СДСМ.

Новиот министер за Транспорт и врски, Горан Сугарески, тврдеше дека била промашена трасата на изградбата на овој патен правец, а нешто слично рече и за изградбата на автопатите Охрид-Кичево и Миладиновци-Штип.

Поради тоа, Сугарески и владата предвидоа дека овој патен правец ќе чини дополнителни огромни 120 милиони евра, а јавноста остана ускратена за што точно ќе се трошат толку многу пари, кога од почетокот беше предвидено да се потрошат 70 милиони евра за изградбата на целиот патен правец.

За разлика од претходно, подолг период не можеа да се забележат значителни активности, а јавноста слушаше само секојдневни обвинувања.

И додека сеуште се работи на оваа траса, вчера премиерот Заев и Сугарески го означија почетокот на изградбата на втората фаза на овој патен правец.

Според она што беше вчера соопштено втората фаза на изградба се поклопува со тоа што беше проектирано пред 2 години и истата ќе биде во должина од 16 километри. За изведувач е избрана италијанската компанија Тирена Скави, а вредноста на трасата изнесува 23 милиони евра.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.