Живот: Благоја Наумчески, повратник во големиот фудбал
Настапува за новоформираната екипа Мажучиште
До каде се границите на човековите можности? Ова прашање се поставува кога слушаме за активни спортисти над 40, 50 години. Пред неколку години објавивме дека во Кадица Забрчани во средниот ред играше Орде Котески на 53 години. Медиумите од соседните држави информираат за фудбалери со незавршена кариерата со полни 50 години. Чуда и рекорди, додека не се сретне сограѓанинот Благоја Наумчески – Пајчето. По четири месеци тој ќе наполни 60 години, а тукушто почна да настапува за Мажучиште во Општинската Б лига.
-Откако слушнав дека оформиле нов клуб во Мажучиште, се сретнавме со тренерот Трајче Ангелески – Талата. Ми рече дека го отвориле да имаат занимација жителите на селото. ,,Ако можеш иди и ти,, – ми понуди со образложение оти играм и уште спортувам. Можам, оти да не можам. Сум на 60 години и колку можам ќе помогнам за селото од каде имам потекло. Да тргни клубот – го објаснува враќањето на големиот терен.
По процедурата, Наумчески прво оди на преглед да добие лекарско уверение, нужно за дозвола за игра. Ништо без тој документ. Дали на 60 години ќе се покаже доволно здрав? И многу помлади спортисти не добивале ,,зелено светло,, од лекарите и прерано ја завршувале кариерата. Но, нашиот ветеран нема никаков проблем.
-Докторот прашува: Играш, спортуваш? – Како не, играм, по саливе трчам. Првин да проверам крв и се останато. Според резултатите докторите се воодушевија. Супер си за годиниве. Срцево срча. Здравјето гром. Кога се чувствуаш дека можеш да трчаш, слободно играј. Ти си како триесетгодишен – добил медицинска дозвола.
По некој ден дебитира за Мажучиште на првенствениот меч од Општинската Б лига, со Вардар во Долнени. Домашните надмоќни, победуваат 6-2, но ако не бил лев бек Наумчески, резултатот ќе бил многу покатастрофален за гостите. Домашните освојуваат три бода, гостите губат. Но ниту едните, ниту другите не се во фокусот на вниманието. Сите ги засенува најстариот фудбалер на теренот.
-Во Долнени кога разбраа и ми дадоа голема почит. По мечот нудеа пијалоци од сите страни. Сите ми велат: Алал да ти е, кога чуваш едно дете од 17 години! Момчето мошне брзо, со одличен дриблинг, а јас го спречував некако назад по нашата лева страна да не примаме многу голови. Ми вика: Чичо, колку години имаш? – Уште малку 60, му викам. Се фаќа за глава: Ти 43 години си постар од мене. Првото полувреме некако дававме отпор, но во второто не ратсурија. Немаме искусни играчи – се впечатоците од првиот дуел.
Првиот меч во Долнени се играше во сабота попладне, а Наумчески вечерта го чекаа на мал фудбал во балон – салата во Точила. Одигра на двете места. Така, не се поставува прашање дали на вториот меч во Мажучиште настапи во неделата претпладне, иако во саботата вечерта беше на мал фудбал. И сега играше двапати. Дури имаше и многу подобар резултат (2-2) против Прилеп сити. Неговата екипа дома освои бод.
-Саботата беше за загревање за неделата сабајле. На овие години мускулите треба да ми бидат опуштени. Да застанам една недела, да не играм, се собира мускулот, а тоа не смеам да го дозволам. Континуирано се движам, активен сум. Инаку неможно е да играм. Тренерот на Прилеп сити, Коста Мирчески ме поддржа: ,,Алал да ти е. Уште си свеж за трчање,,. По мечот седнавме на пијалок. Инаку, ефтини голови примивме. Нема игра. Гледа играчов дека нема кондиција, а ја држи топката, не ја дава. Му велам: давај ја одма, на прва. Ослободи се од топката. По 90 минути ги одиграв двата меча. Му велам на тренеров: Ако треба да се сменам, да излезам? Какво излегување! Ако излезеш, кој ќе влези? Послаб од тебе треба да ставам – кажува Наумчески.
Тој е пример за вреден човек и спортист. Тие што го познаваат ќе потврдат дека на теренот никогаш не стои, туку само трча и бара позиција да ја прими топката. Кога е со неа знае брзо да помине крај противничките играчи. На мал фудбал давал голови од ,,мртов,, агол, кога голманот очекува топката да излезе во гол – аут. Интересна е неговата филозофија за фудбалот. Поборник е на сосема чист фудбал, без грубости и без провокации кон противникот.
– Не сум направил намерен фаул. Само два во малиот фудбал. Сакам чесни дуели. Играм чист фудбал. За грубостите реагирав уште кога играв за Динамо Мажучиште. Топката ја остава, оди по играчот. Има такви за кавга… Лесно е за тепачка. Играме фудбал или ќе се тепаме? Работава е да се истрчаш, да се испотиш, да ти е слатко капењето. Да се дружиш по натпревар. И ден-денес од Ропотово, Дебреште, од Лажани ме поздравуваат. Зошто да се расправаме, кога не играме за пехар, ни за пари, а нема отпаѓање – советува Благоја.
Сите го поддржуваат човекот кој игра на 60 години на игралиште долго стотина, широко шеесетина метри. Зарем е можно уште да е фудбалер сопругот, таткото на син и ќерка, па и дедото на две внучиња. Врсниците се мачат со апчиња да го одржат здравјето. Се мачат да појдат на стадион да гледаат фудбал. Овој се нафаќа да игра. Пофалба и за клубот што топло го прифатил во своите редови со многу помлади соиграчи. Најстари досега биле браќата Дејан и Игор Наумоски, со 42 и 40 години.
– Играв со татко им, а сега со нив. Ќе дочекам и со внук им да заиграм во Мажучиште – најавува Наумчески.
Благоја по неколку месеци ќе стане пензионер. Тогаш станува ,,чудо на квадрат,, – ем 60-годишник, ем пензионер во екипа од големиот фудбал. Дури може, не откажува. Тешко е за верување. Кој не верува, нека појде викендов да го гледа во Заполжани, каде Мажучиште гостува на Козара.
Зел ,,збогум,, 1988 година
Наумчески е познат во фудбалот. Со топката се дружи од мали нозе. Првин играл на мали голчиња на ширинките пред касарната. Потоа се вклучува во школата на Победа, каде е член на подмладокот трениран од Бранко Педано. Заминува да учи средно во Струга. По враќањето во Прилеп, првпат како сениор влегува во големиот фудбал како член на Динамо Мажучиште. Соиграч му бил некогашниот голгетер на Победа, Златко Конески.
-Со Златко кога игравме во Динамо Мажучиште давав по два-три гола на натпревар. Уште на првиот меч со Слога Лажани одма два гола дадов. Потоа играв за Искра Ропотово, па за Варош, со Вукасо на голот, со Берто, а тренер ми беше Круме Митрикески. Писмо ми дојде за работа во Мермерниот комбинат. Одиграв уште една сезона за новоформираниот клуб Мермерен комбинат и кога престана клубот, престанав и со големиот фудбал во 1988 година – се сеќава на првото фудбалско ,,пензионирање,,.
Синот одличен во паркур
Спортскиот талент од Благоја го наследиува синот Драган, кој живее во Германија. Тој можел да биде одличен фудбалер или борач, каде освоил награди. Но, го привлекувал паркурот. Тоа е дисциплина најблиска до гимнастиката каде покажал високи резултати, Откако се покажал на домашнте натпревари, учествувал во странство. На меѓународниот натпревар во Косово, освоил трето место, зад Русин и Германец. За него статија има во германски весник.
Долго без повреда
Тешко се наоѓа спортист без повреда. Благоја имал среќа што го одминале таквите проблеми. Тешко може да се сети на повредите во целата кариера.
-Не сум имал некоја тешка повреда. Освен кога учев во Струга еднаш лигаментите ги свиткав. Играјќи мал фудбал згазнав настрана. Тоа ми е единствената повреда, која брзо ја залечив – вели тој.
Освоени пехари
Наумчески бил успешен со екипи во малиот фудбал. Играл во финале на турнири во Струга, Прилеп и други места.
-Како средношколец освојувавме интернатски турнири низ цела Македонија. На Работнички игри бевме успешни со два пехара за Мермерниот комбинат. Околу 1990 година во салата ,,Македонија,, во финале загубивме од играчи на Победа. Бевме маалска екипа со Вукасо, Љупче Црнио, Љупче Андреевски и дадовме отпор во Универзална против Џипунов, Бабунски… Загубивме со 7-6. Тогаш Варошко маало беа најдобри – се сеќава Наумчески.
Извор: “Неделник Зенит”