Прилеп: 2,1км улица со рок на изведба 10месеци, а машина и работници нема со денови: Капак на се’, ставиле и сандаче за пофалби и поплаки (ФОТО)

Трет месец откако отпочнаа работите за реконструкција на влезната улица во Прилеп “Леце Котески”. Се работи за улица која е дел од регионалниот пат Прилеп-Крушево и е во должина од 2,1км. – односно од железничката станица до раскрсницата која води кон затворот.

Инвеститор на проектот е Министерството за транспорт и врски, проектот чини 48 милиони денари, а изведувач на работите се фирмите “Блек Си Груп-ДПТУ ОСД КИРИЛ” ДООЕЛ од Скопје и ДГТ “Градба Промет” oд Кавадарци.

И сето тоа убаво, но 10 месеци рок на изведба за само 2,1км пат…. епа што е многу, многу е. За 10 месеци во земји што не се така далеку од Македонија, се прават цели автопати.

Капак на се’, граѓаните кои живеат во непосредна близина и фирмите велат дека веќе 10 дена немаат видено градежна машина да работи на патот, а прашината од чакалот им се таложи во домовите и во канцелариите.

Најјакото е тоа што изведувачиве си ставиле и сандаче за пофалби и поплаки, па чисто од радозналост прашуваме дали некој досега пушти некаква пофалба?

Како што кажавме, инвестиција е преку 48 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски преку Светска банка. Предвидено е покрај рехабилитација на основниот коловоз со широчина од 6,5 м да се изгради и нова пешачка и велосипедска патека (широчина 3 м) во должина од 2,134 километри. Предвидено е поставување 72 сливници за прибирање на атмосферската вода.

Повторуваме, пат во должина од 2,1км со рок на изведба од 10 месеци!!! Веројатно ќе има многу прашања до министерот Бочварски и владините претставници за овој проект на карванот “Ние сме Европа” кој ќе помине и во Прилеп.

ФОТО/Златко Ате Димески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.