До крајот на годината Прилеп ќе добие современ трговски центар кој ќе биде изграден на местото од стариот млечен пазар. Инвеститор е компанијата „Тинекс“, а инвестицијата ќе чини 2,7 милиони евра. Деновиве интезивно се одвиваат градежните работи на оваа локација.
„Станува збор за објект со бруто површина од 4.300 м2. Има три целини, подземна гаража со паркинг простор за 60 возила, потоа прв спрат кој ќе биде наменет за „Супер Тинекс“ и кој ќе се простира на површина од 1.200 м2, а третиот спрат, кој ќе биде исто со големина од 1.200 м2, ќе биде деловен простор кој ќе се изнајмува за угостителски објекти, бутици и слично. Според динамиката на работа мислам дека до крајот на оваа година може да очекуваме трговскиот центар да биде пуштен во функција“, изјави Раде Петкоски, инжинер во Тинекс за координација на објектите во градба.
Од општина Прилеп велат дека отворањето на новиот трговски центар ќе донесе и отворање на 100-тина нови работни места.
„Компанијата „Тинекс“ во Прилеп го гради еден од поубавите трговски центри не само во градов туку и во Македонија. Со трговскиот центар овој дел на градот уште повеќе ќе се разубави и ќе се зголеми движењето во централното градско подрачје.
Исто така ќе се отворат и околу 100-тина нови работни места, а со подземната гаража ќе се растерети и паркирањето во тој дел на градот. Се надевам дека до крајот на годината тој ќе биде готов, а после завршувањето на градежните активности на трговскиот центар ќе започнеме со допоплочување и уредување на пешачката улица „Борка Талески“.
Таа е намерно оставена во оваа состојба затоа што тука ќе поминуваат камиони и механизација за изградбата на трговскиот центар, а потоа оваа улица ќе прерасне во една навистина прекрасна пешачка зона“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп. Исто така е планирано и улицата која поминува позади трговскиот центар, што оди од градскиот плоштад кон музичкото училиште, во иднина да прерасне во пешачка зона поплочена со гранитни плочи.