Пешачката зона во центарот на Прилеп се зголемува со уредување на третата фаза на површина од 1.000 м2 која се однесува на улиците „Републиканска“ и Кеј „1-ви Мај“. На овој потег моментално се работи на средување со бехатон плочки, а потоа ќе следи поставување на подземна инфраструктура, осветлување, урбана инфраструктура, како канделабри, канти за отпадоци, клупи и друг инвентар. Овој инфраструктурен зафат чини два милиони денари, средства обезбедени од Локалната самоуправа. Со него ќе се заокружи целата чаршија како пешачка зона која воедно ќе добие и плоштад посветен на „Пере Тошев“.