Во изминатите години Прилеп стана Центар за развој на екстремните спортови не само во Македонија туку и во поширокиот регион. Алтернативниот спортски туризам годишно во градот носи илјадници посетители буквално од целиот свет. Болдерингот, параглајдингот, планинскиот ултрамаратон наречен „По стапките на Крали Марко“, планинскиот велосипедизам, downhill, highline, мото крос трките се само дел од овие екстремни спортови кои го промовираа Прилеп во вистинска хит дестинација за сите љибители на адреналинот.
Токму поради уникатните карпи од вулканско потекло кои се наоѓаат околу Прилеп, особено на локалитетите „Камена Баба“, „Маркови кули“ и „Трескавец“ и големите напори на претходната локална самоуправа за развој и промоција на болдерингот, Прилеп повеќе пати се најде на страниците на светските медиуми. Британскиот двомесечник „Climber“, француското списание за искачување „Grimper“, списанието „Le Alpi“, кое го издава клубот за алпинизам на Швајцарија и големиот број балкански спортски магазини се само дел од медиумите кои ја пренесуваа болдеринг приказната за Прилеп.
Инаку болдерингот е искачување на помали карпи, без никаква опрема и Прилеп е една од 10-те топ дестинации за развој на болдерингот во Европа и има големи перспективи за развој на овој екстремен спорт кај нас.
Во 2014 година во Прилеп се одржа и настанот „Petzl Rock Trip“, кој го организираше француската компанија за опрема за качување „Petzl“ и кој предизвика голем интерес во Европа, а тогаш за Прилеп беа снимени и доста промотивни видеа кои го промовираа нашиот град насекаде во светот.
Со изградбата на патот за манастирот Трескавец, покрај локалитетите „Камена Баба“ и „Маркови кули“ за болдерингот се отвори уште еден ваков терен за искачувачите по карпи.
Изградбата на патот до Трескавец придонесе и за развој на параглајдингот затоа што таму се изгради ново параглајдинг полетувалиште.
Во Прилеп секоја година се одржува и ултра планинскиот маратон „По стапките на Крали Марко“, кој годинава беше долг 90 км, а регионот на Мариово се промовира преку настанот за планински велосипедизам „Mariovo off road experience“.
Тука се негува и мото крос спортот, со одржувањето на трки во арената кај Лагово. Лани пак за прв пат во Македонија во Прилеп се одржа манифестацијата насловена како „PRILEP EXTREME WEEKEND“ на кој се одржа и првото македонско трофи, на кое со своите џипови, учествуваа повеќе од 120 учесници од повеќе држави. Во исто време, на патеката кај Лагово, по 4-ти пат се одржа и меѓународната трка со крос мотори насловена како „Stormriders“.
Локалната самоуправа предводена од градоначалникот Марјан Ристески планираше оваа патека во иднина да прерасне во современ мото центар со повеќе патеки за џипови, постоечката патека за крос мотори да се доуреди за да може на неа да се одржуваат и меѓународни натпревари кои ќе се бодуваат, а се предвидуваше и изградба на патека за картинг, пеинт бол терен како и неколку угостителски објекти кои би ги услужувале посетителите на овој центар.
Исто така за прв пат во Македонија, лани кај манастирот Трескавец, се организираше уште еден аутдор фестивал од екстремните спортови, на кој се промовираше одењето по трака над провалија висока 30 метри, или спорт познат како highline. Тоа е уште една атракција која Прилеп ќе ја нуди во иднина.
Кај Паркот на револуцијата се отвори и скејт парк.
Во градот се одржува и натпреварот во ориентација “Пеце Атанасоски”, каде и оваа година присутни беа голем број странци од различни земји ширум светот.