Прилеп имал две мечки, девет лавови, мајмуни, питон….Едната мечка имала најприлепско име: Сеќавање на прилепската зоолошка (Фото)

Некогаш Прилеп беше еден од трите македонски града со Зоолошка градина, покрај Скопје и Битола. Според сеќавањата на многумина, таа постоела околу 25 години. За тоа што се случувало во неа, соговорник не се најдува лесно, оти речиси сите тогашни вработени се починати. За среќа, во пресрет ни излезе Зоран Мицески, 59-годишен армирач од ,,Бетон,, син на работник во Зоолошката – пишува неделниот весник “Зенит”.

-Отсекогаш сум живеел близу до Зоолошката. Таму сум растен. Татко ми Киро од почеток па до пензија работеше таму. Ги хранеше животните, косеше трева за сено. Одеше со други, два-тројца работници по штркови во Коњари. Ги фаќаа и ги продаваа преку Зоолошката. Од седела ги вадеа. Носеа по 50-60 мали штркови. Малку ќе ги подранат некој ден, и ќе ги однесат во воз. Ги продаваа во Италија – ја почна приказната Мицески.

Се сеќава на Благоја Јованоски – Џивџано, кој бил еден од иницијаторите и директор. Бил претседател и на Комитетот. Потоа директор бил и Василе Присаѓанец. Имало уште петнаесетина вработени Борка Беќаро – магационер, Ѓоре од Велес – стражар. Киро Пишпирик, Миле од Варош, Стојан Толе, Дано Црнио, Алија и Боне – работници. Благајничка била Нада.

-За животните, татко ми земаше храна од кланицата. Немаше страв од ниедно животно. Имаше начин да ги служи. На пример, лавот. Има два дела кафезот. Од едниот дел со стап го брка во другиот и му ја затвора вратата веднаш, со лизгање. Тогаш слободно влегува во предниот дел и го чисти, за потоа да му го постави јадењето. Кога ќе излези, го пушта лавот од задниот кафез да влези во предниот, кај јадењето. Специјална обука за ова немаше, ами видел од други како тоа го правеле. Немаше гајле, со животните живееше како со луѓе. Со денови и години и тие го запознаа и прифатија како некој што им служи, за нив се грижи – вели Зоран.

Не еден, ами девет лава имало. Биле распоредени во три кафези, секаде по еден мажјак со по две женки. Други жители биле волци три-четири, лисици и тие три-четири. За нив се сеќава оти најмногу смрделе. Смрделе – корнеле лисиците. Мечки две биле, едната црна, другата кафеава. Имало бизон, три-четири срни, елен, бафало, зебра, едногрба кафеава и двогрба жолта камила. Памети како сега да ги гледа.

-Мајмуни имаше шест, мешани машки и женски. Имаа имиња. Памтам една ја викаа Мики. Еден беше посебно машки ,,павијан,,. Устата голема, најголем од сите. Најинтересни беа. Колку имаме јадено таму бакрдарник. За мајмуните носеа направен од царевно брашно, мелено, со сало мешано. Посетителите им даваа бонбони, банани, семки, сончоглед. Се јадеа. Во зимно време внатре затворени беа до огнот. Само за нив и за лавовите имаше греење, оти слабокрвни се. Дојдени од топлите краишта, без топлина не можеа – кажува потомокот на еден од последните работници во Зоолошката.

Имало и орли. Живееле долго. Проблем за орелот било што клунот постојано му растел. И му се виткал. Кога ќе му се завиткал сосема, не може да јаде. Тогаш пцовисувал од глад. Имало и змија ,,питон,,. В кафез стаклен била, за да не може да излезе. Поставиле до неа некое дрво внатре, по кое му пуштале зајаци и врапчиња. Јадел кога ќе му се пријадело. Правел лапни-голтни. Голем бил три метра, дебел во пречник над 20 сантиметри.

-Секој ден, особено во недела, имаше посетители. Имаше билетарница каде се продаваа влезници. Убаво беше. Круши имаше едни ,,кантарки,, па едни јаболка слатки. Како деца јадевме, а понекогаш не бркаше некој од работниците. Имаше кокошки, крави чуваа. Храна во изобилство. Остануваше и за нас, децата. Колку чоколади и ,,наполитанки,, имам изедено. Магацинот лежеше и тежеше – вели Мицевски.

Зоолошката е затворена во седумдесеттите години. Веројатно од 1975 година па натаму, етапно. Сите животни се пренесени во Скопје до крајот на седумдесеттите или почетокот на осумдесеттите. Мечката била последниот жител. Огромниот простор почнал да се чисти. Не останало ништо од оградата, кафезите, дрвјата. Никаква трага. Сега на просторот кај некогашната Зоолошка има асфалтна улица, три згради и фудбалски терен со вештачка трева.

Волчица избегала

-Некои велат дека мало мече има избегано? Не мече, ами избега волчица во средината од шеесеттите години. Бев на пет-шест години и затоа памтам. На волчицата и донесоа в кафез волчјак. Но, таа го скина синџирот и избега, право в планина горе. Повеќе не се врати – сведок е Мицески.

Опасна боа

Има разни доживувања од првите години на Зоолошката, запишани и во дневниот печат.

-Првиот затворен жител што го забележавме беше големата боа, подолга од два метра. Просторијата во која беше сместена се затоплуваше. Живата од термометарот покажуваше 20 степени. Кога се загледавме во кафезот, боата веќе го стегаше малото зајаче што и беше фрлено за храна, штотуку задушено. ,,Двапати месечно фрламе по еден зајак. Чуварот Стојан Малевски за малку што не пострада кога еднаш и ја сменуваше водата. Ќе го фатеше за рака – раскажувал управителот на градината.

Мечка „Рампо“

Кон крајот на педесеттите, мечката во прилепската градина има најприлепско име – Рампо. Несвојствено за неа е што немала зимски сон. Се противела на природниот дар. Како да не сакала да го преспие зимскиот период. Не се прибирала во леглото. Често застанувала на задните нозе и ја провирала муцката низ железните решетки. Така ги минала трите зимски месеци.

Посети како на фудбал

Прилепчаните во педесеттите години од минатиот век масовно оделе на фудбалските натпревари. Во недела, исто така масовно, ја посетувале и Зоолошката градина, оти им било многу забавно. Во првото време, во 1953 година, градината бил дом само за еден волк, лисици, неколку гулаби и кокошки. Четири години подоцна биле донесени првите африкански животни. Зоолошката воспоставила соработка со зоолошки од Австрија, СР Германија и ДР Германија. Имало размена на животни. Тие праќале какви што нема кај нас, а ние какви што им се потребни таму. Од Прилеп кон Запад се испраќале орли и диви свињи.

Мршојадци, срна и був

Изгледот на Зоолошката во шеесеттите. До влезот имало мала куќичка, скоро разрушена, каде била касата за продажба на билети. Натаму имало неколку празни кафези кои ги чекале своите станари. Првиот пополнет кафез бил со мршојадци, птици коишто се хранеле со расипано месо. До нив безгрижно пасела една срна. Кој сакал да ја види срната, морал да ја стави раката на носот, оти се ширела непријатна миризба од расипаното месо. Во друг кафез била сместена интересна птица. Светкале со очите и секој миг ги превртувале. Тоа бил був.

Извор: “НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.