Општина Прилеп е лидер во Македонија во решавање на барањата на граѓаните за легализација на бесправно изградените објекти. Досега се донесени над 9.000 вакви решенија. Опфатени се барањата поднесени во 2011 година како и дел од барањата кои се однесуваат на 2016 година од продолжениот рок. Во 2011 година беа поднесени 15.367 барања, а во 2016 година 3.077 барања.
Над 60% беше реализацијата на проектот во 2016 година кога во декември истече крајниот рок за поднесување на елаборатите за барањата поднесени во 2011 година, како едни од најглавните документи за решавањето на овие предмети. Краен рок пак за поднесувањето на елаборатите за барањата поднесени во 2016 година е крајот на 2017 година.
До крајот на законскиот рок се очекува реализацијата на проектот да биде околу 80 % и да бидат решени околу 14.800 барања на граѓаните. Успешната реализација на овој проект се должи пред се на добрата организација на секторот за урбанизам во Општина Прилеп и брзата изработка на елаборатите од страна на приватните катастри.
Легализацијата најмногу се однесуваше на стамбените објекти, но доста изненадувачки и очекувано беше вакви барања да поднесуваат и јавните објекти, фабриките и сите установи и правни лица на кои не им беше решен легалниот статус на објектите.
Во оваа легализација влегуваат и инфраструктурните објекти, патишта, улици, водоводи, канализации, електроенергетски водови и друго, така што до крајот на завршувањето на рокот на законот се очекува да бидат легализирани и голем дел на овие објекти.