Прилеп е лидер во Македонија во искористувањето на ЕУ фондовите

_MG_4929

Прилеп е една од водечките општини во Македонија кога станува збор за искористувањето на средствата од ЕУ фондовите, преку кои се реализираат проекти со кои значително се подобрува квалитетот на живеењето на граѓаните. Ова беше само една од темите на кои денеска се дискутираше при посетата на Општина Прилеп од страна на aмбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар и aмбасадорот на Германија во Македонија, Кристине Алтхаузер, посета пак која е дел од кампањата насловена како „ЕУ за ТЕБЕ“ или „EU for YOU“. Моментално во Прилеп се реализира еден од најголемите проекти во Македонија финансиран со европски пари, а тоа е реконструкција и изградба на нова канализациона мрежа во градот, како и изградба на пречистителна станица. Амбасадорот на ЕУ денеска на Општина Прилеп и додели и Благодарница за добрата соработка на Општината со Европската унија и реализацијата на голем број проекти од кои бенефит имаат многу граѓани.

_MG_5046

„Сакам да искажам голема благодарност до Европската Унија бидејќи Прилеп е општина која е еден од најголемите корисници на овие ЕУ фондови, пред се со проектот за новите канализациони системи и изградбата на пречистителната станица. Исто така сакам да истакнам дека за овие 10 години Прилеп претставува водечка општина во Македонија во искористувањето не само на ЕУ фондовите, туку и на големиот број на донации кои се присутни во Македонија и се достапни за нашата општина. Се надевам дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму на одлично ниво, се со цел реализирање на голем број проекти кои ќе значат подобрување на квалитетот на живеењето на нашите сограѓани. Исто така сакам да искажам голема благодарност до граѓаните на ЕУ кои навистина од својот џеб издвоија пари за реализација на сите овие проекти во Прилеп со кои денес градот има посовремен и европски изглед. Средства од овие фондови, во висина од повеќе десетици милиони евра, се искористувани и во минатото. Се реализираше проект преку кој се реши еден од најважните проблеми за Прилеп, а тоа е решавање на проблемот со водоснабдувањето. Тој проект беше реализиран преку Владата на Германија и КФБ банката. Со тој проект околу 10-тина милиони евра беа вложени во изградба на нова водоводна мрежа во градот, нова административна зграда на ЈКП „Водовод и Канализација“, нова механизација и намалување на загубите на вода. Резултат на овој проект е тоа што Прилеп денес е еден од најдобро снабдените градови со вода и го има едно од најуспешните водоводни јавни претпријатија. Средства од овие фондови се искористуваат исто така и за реконструкција на голем број училишта, патишта, водоводни и канализациони системи во нашата општина“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_4962

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, истакна дека се надева оваа соработка помеѓу ЕУ и Општина Прилеп да продолжи и во иднина. Целта на кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“ била да се постигне поголем дијалог со граѓаните и општините во Македонија за повеќе прашања.

„Во нашата комуникација денеска со градоначалникот на Прилеп разговаравме за прашања кои се поврзани со животната средина, во врска со водата, за третитањето на отпадот, изградбата на пречистителната станица и други работи поврзани со заштитата на животната средина. За мене како амбасадор на ЕУ е исто така важно да се запознаам со овие проекти кои се финансирани од ЕУ и како што кажа градоначалникот на Прилеп, проектот за изградба на пречистителната станица и реновирањето и изградбата на канализационите системи е можеби најголемиот проект кој ЕУ го има финансирано во вашата земја, а тој чини 21,5 милиони евра. Имаше одредени проблеми со изградбата на пречистителната станица, но сум среќен што тие проблеми сега се надминати, така што се надеваме дека наскоро ќе се финализира овој проект. Исто, тука во овој регион, ЕУ реализираше и друг проек кој е поврзан со поплавите кои го зафатија ова подрачје, а тоа е проект поврзан со реновирање на речните корита“, истакна Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ во Македонија.

_MG_4968

Германската амбасадорка, Кристине Алтхаузер, рече дека Прилеп е град кој претставува позитивен пример за многу активности.

„Пред се имам две работи за кои сакам да зборувам. Видовме дека важниот проект за овој град кој се состои од реконструкција на канализационата мрежа и изградба на пречистителна станица претставуваат една голема целина, или целина која има смисла само доколку истите се поврзани една со друга. Втората работа е тоа дека со задоволство го поддржав мојот колега Жбогар во промоција на проектот „ЕУ за ТЕБЕ“ каде што станува збор за многу важни сегменти од животот на луѓето, животната средина, сегменти кои не ја засегаат само оваа земја туку се општо важечки за сите луѓе во светот. Секако дека овој проект „ЕУ за ТЕБЕ“ како земја членка на ЕУ го поддржуваме, но имаме и билатерална поддршка за Македонија кога станува збор за прашањата за животна средина и клима. Во амбасадата имаме фондови за т.н. климатски проекти, тоа се многу помали фондови од овие фондови на ЕУ, меѓутоа сепак станува збор за климатска заштита и воздух кој неможе да го поделиме на мој и твој, станува збор за чиста животна средина, а тоа е обврска на сите нас“, изјави Кристине Алтхаузаер, Амбасадор на Германија во Македонија.

_MG_4978

Амбасадорите денеска ги посетија локациите каде се врши изградба на новата канализациона мрежа и изградбата на пречистителната станица во Прилеп, а остварија и посета на општина Новаци, каде се реализираат други проекти финансирани од ЕУ.

_MG_5069

_MG_5168

_MG_5236

_MG_5253




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.