Со особена чест го најавуваме првиот фестивал за рана музика во Македонија – „Dulcia Sonant“, посветен на истражување и оживување на музиката од византиската, средновековната и раноренесансната традиција.
Во два последователни концерти ќе оживее звукот на едно одамна замолчено време – преку ретки инструменти, древни напеви и извонредни интерпретации.
На 16 октомври | 20:00 ч. во кино “Мис Стон” ќе се одржи концертот „Помеѓу Кукузел и Палестрина“
Два хора – „Св. Петка“ и „Пелагонитиса“ – под диригентство на Гоце Секулоски, ќе создадат звучен мост меѓу Истокот и Западот, спојувајќи ги византиската духовност и ренесансната полифонија.
Црковен клирос Пелагонитиса – Црковен хор Света Петка
Прв дел – источно-црковно пеење
1.Свише пророци – Свети Јован Кукузел (XIV век)
- прва изведба во Македонија
2. Нине сили – Јован Клада (XV)
3. Хвалите Господа (фрагмент) – Свети Јован Кукузел (XIV век)
Втор дел – сакрална полифонија
4.Kyrie eleison – G.P. Palestrina (XVl век)
5. Ave verum Corpus – W. Byrd (XVl век)
На 17 октомври | 20:00 ч. во кино “Мис Стон” ќе се одржи концертот „Средновековни еха“
Редок музички дијалог помеѓу човечкиот глас и древниот инструмент – портативна оргула од 14 век, со која ќе настапи Cristina Alís Raurich (Шпанија), музичар и истражувач, која прва во светот направи реконструкција на портативна оргула од 13 век. Со неа настапува Ана Митоска (Македонија) – глас, во програма што нè носи низ звучните пејзажи на средновековната Иберија.
Податоци за изведувачите:
Кристина Алис Раурик е афирмирана интерпретаторка, истражувач и педагог од Шпанија, специјализирана за средновековни клавишни инструменти како портативна оргула (органето), клавицимбалум, клавицитериум и средновековни оргули. Во 2014 година, ја изработува првата светска реконструкција на портативна оргула од 13 век, заедно со истражувачот Валтер Чинаља. Како солистка и член на ансамбли како Magister Petrus, Vetera, La Douce Semblance, Sonus Hyspaniae и Donnafugata, настапувала низ Европа и Северна Америка, снимајќи за радио и телевизија. Кристина е и педагог: професор е на Центарот за средновековна музика во Монпелје, Франција, и асистент-директор на курсот за средновековна музика во Бесалу, Каталонија. Нејзините настапи се познати по емоционалната длабочина и историската веродостојност, пренесувајќи ја публиката во музичкиот свет на средниот век.
Ана Митоска е македонски сопран со богато искуство како солист и во работа со ансамбли. Нејзиниот репертоар ги вклучува средновековната, ренесансната и барокната музика, музика на современи композитори, како и изведби на композиции за театар и филм и традиционална музика. Настапувала на бројни фестивали и во театарски продукции, соработувајќи со меѓународни и домашни музички ансамбли и пијанисти.
Фестивалот „Dulcia Sonant“ отвора ново поглавје во музичкиот живот на Прилеп и Македонија – патување низ вековите, од мистичните византиски напеви до раскошниот звучен израз на раната ренесанса.
Влезот е слободен.
Ве покануваме да бидете дел од ова исклучително музичко доживување!