[Best_Wordpress_Gallery id=”136″ gal_title=”BolderingPrilep”]
Во последните години Прилеп станува центар за развој на екстремните спортови, што е реткост за Македонија и за регионот. Околината на Прилеп располага со одлични услови за развој и негување на овие спортови, особено на болдерингот. Специфичните и уникатни карпи на локалитетите Маркови Кули, Баба и Трескавец, се рај за болдеристите ширум светот и го привлекуваат вниманието на стотици болдеристи кои во изминатите години се натпреваруваат во искачување на Болдеринг маратонот “Крале Марко”.
Напорите на локалната самоуправа и градоначалникот Марјан Ристески беа насочени кон тоа овој маратон да расте од година во година, да привлекува што повеќе натпреварувачи и да биде еден од алтернативните видови на туризам, кој ќе значи економски прилив за општината, но и запознавање на светот со можностите и убавините на Прилеп.
Странците до сега се восхитени, велат дека Прилеп е најголемиот регион во светот кој дозволува перспектива за развој на овој спорт.
Сите посетители носат пријатни спомени во земјите од кои потекнуваат, го шират позитивниот глас и привлекуваат плус интерес за градот и развојот на овој спорт.
Многу странски списанија, веб сајтови, пишуваат за Прилеп, објаснуваат како да се стигне до градот, информираат за сместувачките капацитети, за можностите и за прекрасниот помин во градот под Марковите Кули. Тоа докажува дека еден дел од мисијата е завршен. Анимирани се многу луѓе и е направена вистинска промоција.
Дури и реномираното списание Клајмбер (climber.co.uk) го промовираше Прилеп како број еден дестинација за болдеринг во Европа.
Прилеп е пример за тоа како се управува со овие природни ресурси, кои навистина се негуваат како благодет на природата. Градските власти докажаа дека без вложување на големи финансиски средства, може да се направи нешто што е вредно за сите, што може да претставува една од носечките гранки на прилепската економија во иднина и што може да претставува бренд на Прилеп и државата.
Ваквите услови го поставија Прилеп на светската мапа со околни карпи совршени за болдеринг.
Болдеринг маратонот се одржува секоја пролет.
Во Прилеп се негува и мото крос спортот, со одржувањето на трки во арената кај Лагово. Лани пак за прв пат во Македонија во Прилеп се одржа манифестацијата насловена како „PRILEP EXTREME WEEKEND“ на кој се одржа и првото македонско трофи, на кое со своите џипови, учествуваа повеќе од 120 учесници од повеќе држави. Во исто време, на патеката кај Лагово, по 4-ти пат се одржа и меѓународната трката со крос мотори насловена како „Stormriders“.
Локалната самоуправа планира оваа патека во иднина да прерасне во современ мото центар со повеќе патеки за џипови, постоечката патека за крос мотори да се доуреди за да може на неа да се одржуваат и меѓународни натпревари кои ќе се бодуваат, а ќе се гради и патека за картинг, пеинт бол терен како и неколку угостителски објекти кои би ги услужувале пчосетителите на овој Центар.
Тука се и условите за параглајдеризам. Изградбата на патот до Трескавец придонесе и за развој на параглајдингот затоа што таму се изгради ново параглајдинг полетувалиште. Во Прилеп се одржува традициналниот “Прилеп Опен Куп”.
Во градот се одржува и натпреварот во ориентација “Пеце Атанасоски”, каде и оваа година присутни беа голем број странци од различни земји ширум светот.
Кај Паркот на револуцијата се отвори и скејт парк.
Ова е мал дел за тоа што Прилеп претставува за развојот на овие спортови во државата. Прилеп е вистинска МЕКА за развој на алтернативниот спортски туризам.
Aлександар Георгиоски