Веднаш по објавената вест за синоќешното невреме што го зафати Скопје, Општинa Прилеп се екипира и испрати екипа од ЈKП „Водовод и канализација“, цистерна со пивка вода и возило-цистерна за извлекување вода, како и противпожарни екипи, за интервенција во зафатеното подрачје од невремето, како првична помош за ублажување на последиците од оваа катастрофа што го зафати Скопје.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески нагласи дека ова е првична помош од општината и дека надлежните институции од Прилеп се во состојба на подготвеност и ќе ги чекаат насоките од надлежните институции од Скопје и Центарот за управување со кризи, за каква било понатамошна помош и интервенција.
– Сакам да изразам сочуство до семјствата кои ги загубија своите најмили во полавите што го зафатија Скопје и другите градови во Македонија. Прилеп се става во целосна функција да помогне и во оваа прилика апелирам до Прилепчани повторно да ја покажат својата хуманост и да донираат вода, храна, хигиенски средства за помош за настраданите семејства од поплавите. Дури, како град, може да одговориме и во смесувачки капацитети за семејства, доколку тоа е потребно. – изјави градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
Локалната самоуправа и ОО на Црвениот крст – Прилеп, утре, 8-ми август, ќе организираат и хуманитарна акција за собирање на флаширана вода, конзервирана храна, средства за хигиена и детски памперси, кои моментно им се најпотребни на настраданите семејства од елементарната катастрофа која го зафати Скопје и другите градови. Пунктот ќе биде поставен од 10 до 18 часот, на плоштадот Методија Андонов Ченто.