Заради одлуката на Владата од месец ноември да му се одземат ингеренциите на локалното ЈП „Енерго Прилеп“ за стопанисување со броилата за јавно осветлување, а кое што имаше повластени услови за плаќање на електричната енергија за уличното осветлување, прилепчани во новата година ќе плаќаат значително повисоки сметки за оваа услуга – објави “АЛФА ТВ”
„Со огромно жалење морам да истакнам дека донесовме и една непопуларна одлука, односно одлука која што ќе значи зголемени сметки за јавно улично осветлување. Во разговори со градоначалникот се прават напори оваа одлука ако може да се смени. Ќе има интервенции и преку ЗЕЛС. Меѓутоа, за да не ја ставеме општината во правен вакуум, не дај Боже да се случи, иако имаме ветување од ЕВН дека 90 дена ќе не’ снабдуваат на слободниот пазар со електрична енергија, ние не сакавме да ризикуваме и преминавме на ваков непопуларен чекор“, кажа Дејан Проданоски, претседател на Советот на општина Прилеп.
Според Проданоски, најтрагичното во ваквата владина одлука било тоа што биле анулирани евидентните позитивни ефекти додека со овие броила стопанисувало ЈП „Енерго Прилеп“ и кога заштедата на општината, за неполни три месеци била над 200 проценти.
„Со ова се прави серизен удар врз средствата од граѓаните, односно сметките ќе бидат далеку повисоки од она што во овие три месеци успеавме да го заштедиме како Општина со трансферирањето, односно со предавањето на броилата на ЈП за енергетски дејности“, посочи Проданоски.
Инаку, оваа принудна одлука за зголемување на сметките за јавно улично осветлување, прилепските советници ја донесоа на последната седница на Советот, одржана на два дена пред Новата година, со единствена цел да не се ризикува и градот да не остане во мрак.
Каролина Дурло за “АЛФА ТВ”