Во преостанатите часови од 2018 година се потсетуваме на сите личности од Прилеп чии стории, достигнувања и дела ја одбележаа оваа година. Тие се нашите херои, а нивната приказна, спортски подвизи, случки од минатото и дела… ја oсвоија нашата публика. Ова се ликовите кои заслужуваат уште многу да се зборува за нив, нивните животни стории да бидат пример, а нивните успеси и подвизи да бидат мотив.
Прилепчанката Маријана Ѓорѓиевска и член на планинарскиот клуб “Maмути”, оваа година продолжи со своите планинарски предизвици и се искачи на Цугшпитце (2,962м) највисоката планина во Германија.
“Единственото сонце кое ме грееше и ми даваше сила. После 18 часа јака ферата и дожд…2962 мнв!”, напиша Маријана на својот Фејсбук профил после најновиот потфат кој го оствари во септември месец.
Цугшпитце е највисокиот скијачки центар во Германија, а е позната по трите прекрасни глечери. Планината е покриена со снег цели 6 месеци во годината, а покрај за скијачи е атрактивна и за сите вљубеници во природата. Искачувањето на највисоката точка пружа 360 степени панорама и прекрасно зајдисонце. Планината е позната и по највисоката црква во Германија која се наоѓа таму, а изобилуваат и планински ресторани кои пружаат дополнително задоволство.
Ќе потсетиме дека истата девојка во август минатата година се искачи на највисокиот врв во Франција, Монблан, а меѓу позначајните авантури ќе ги спомниме и оние за освојување на врвовите на Олимп, како и освојувањето на Елбрус, највисокиот врв во Европа.