Методија Пејовски – Мајк – дискофил шест децении
-Колекцијата содржи неколку илјади плочи и дискови
Страст кон грамофонските плочи речиси 60 години негува нашиот сограѓанин Методија Пејовски – Мајк. Шармот на различни музички тонски носачи уште го освојува и не го напушта возрасниот пензионер и мераклија на добра музика, иако е на прагот на 71-та година од животот. Со медиумите во мал формат наречен сингл плочи, со 45 вртежи во минута, СП, и уште многу многу големи плочи со 33 вртежи во минута, ЛП, лонгплејки, касети, па современите дискови и соодветни апрати за репродукција како грамофон, ЦД читач и квалитено засилување на звукот ужива во својата колекција. Уште му гори пламенот за добра плоча, можеби не толку како некогаш кога за добра лонгплејка правел вистинки потрага или авантура не штедејќи пари, труд и напори. Дури како млад растоварал вагони на железничката станица само да собере пари за да купува плочи. Желбата да се дојде до ново издание била посилна од црната прашина во носот од јагленот од вагонот.
Збирката му е уредно наредена на полиците според сопствен редослед, години, жанрови, азбучен ред, групи, солисти. Му лежи блузот, макар што при крајот на педесетите години првин се ,,запознал,, со забавната музика на Адамо, Литл Тони, Боби Соло, Елвис Присли… па Клиф Ричард со Шедоуси. Се слушало Радио Луксембург со новата европска поп сцена во пелени и офанзивната американска естрада, полна со рокенрол, блуз, џез, кантри и други стилови на популарна музика блиска до сетилата за слух на офанзивните либерални погледи на младите во светот.
Љубовта кон плочите му се распалила од мали нозе. Одел во Белград да ги купува во комисиони кога никој во градов немал плочи. Ги купувал постојните изданија. Го привлекувале Феиц Домино, Сем Кук. Убаво му звучел Чак Бери. Потоа ја имал ,,Летс твистиген,,. Добра мелодија од средината на шеесетите на Чарил Чекрт, која и денес е жива. После собирал ленти, а последниве години дискови.
-Музиката ми е прва љубов од десетина години. Првин со слушање, а потоа почнав да ја создавам збирката со набавка на носачи на звук од винил, мали плочи, синглки, какви што имаше во почетокот на шеесетите години. По плочите, денес се слушаат разно-разни компјутерски формати МП3 или којзнае какви, а јас останав доследен на грамофонските плочи, но и на ЦД. Бев сведок на трасформацијата на медиумите и исчезнувањето на винилот. Ретките примероци на грамофонски плочи станаа многу скапи во споредба со ЦД носачите – вели Мајк.
Во времето кога странската музика не била достапна толку, порачал плочи од Англија.
-Првата беше Џон Меил со Ерик Клептон од 1965 г., таткото на белиот блуз. Од тогаш во душата ми влезе блузот. Тоа беше среќа. Се ежев. Морници доаѓаа на телото кога ќе се ставеше плочата на дискот на грамофонот, кога ќе се ставеше иглата и кога ќе замилува мелодијата. После доаѓаа други бендови, Флитвуд мек, Фри… Па порачував американски блуз од Америка. Од колевката на блузот во мозокот ми влегоа Б.Б. Кинг, Фреди Кинг, Алберт Кинг. Тоа беа познати имиња. Ги имам Волтер Волф, Џими Ридс, Мајкл Бонфилд и многу групи. Колекцијата содржи рок во почетокот, па блузот, па смут џез… Ги сакам Луис Армстронг, Херби Хенкок… Давав големи пари. Собрав над 4000 плочи и околу 5000 дискови. Растоварав вагони со сé и сешто само да соберам пари да купувам плочи, кои, можеби, прв ги донесов во Прилеп. Се радувавме на новиот светски музички бран. Дури од дома ме прекоруваа дека сум ги срамел што сум работел, додека носот и грлото по неколку дена би беа црни – вели Методија, кој многумина го препознаваат по Мајк.
Во младоста се собирале да слушаат музика во друштво. Оганизирале журови со актуелна музика од шеесетите години,
-Од 1969 г., четири години правев емисии од забавен карактер на програмата на Радио Прилеп. Се откажав, оти се амортизираа плочите за популарност, за да слушнат граѓаните. Бев дискџокеј во првиот клуб Сантана во подрумот на синдикатот кај киното. Пуштав музика, а после заминавме на студии во Скопје. Тоа беа пионерски денови на пробивот на тој вид на музика. Слушавме Лед цепелин, Дип парпл и многу други групи. Паметам дури и по некој член во групите. Се сеќавам на групата Ретка земја. Направи неколку исклучителни албуми. Инаку, не се експонирав многу со плочите, не одев лево-десно, не бев познат. Со годините експлоатираните плочи ги купував уште еднаш. Направив двојници и денес се нови, а првите, користените, се оттуѓени. Така отидоа околу 2000 плочи. Поретко пуштам грамофон. Имам дискови и нив ги слушам. Ги чувам во најлончиња да не зафаќаат многу место. Поголем дел се во витрини во визбата. Озвучувањето ми е Панасоник и Маранц – објаснува Пејовски како се грижел за плочите и со каква страст ја одржувал колекцијата.
Од време навреме и денес се среќава со сродни души, дискофили, да разменат муабет, да поделат нешто што им оставило впечаток.
-Се гледаме со Миле Боболески, со Тони Чатлески, со Владимир Стамболџиоски, со Бранко Нешкоски за да поделиме заедничко задоволство од некои песни и групи. Жалам за Сале, членот на Крос роуд блус бенд, кој почина. Го упатував каде да набави добра усна хармоника. Нé поврзуваше блузот, иако тој беше многу помал. Голема загуба е прераната смрт на овој талентиран музичар. Слушавме, а групата нешто вметнуваше во своите настапи – вели дискофилот.
Уште ја збогатува збирката, но со помал интензитет. Не со плочи, туку со дискови. И ужива како кадифените акорди, ритми и тонови му влегуваат во ушите. Додуша не толку од плочи, оти му се малку погараметни за ставање и пуштање во споредба со дисковите.
-Голема е разликата меѓу репродукцијата на плочи и интернет МП3, радио или дигиталните медиуми. Со својот слух правам диференцијација меѓу плоча и диск – вели Пејовски.
Смета дека колекцијата не е само да стои спакувана. Збирката не треба да молчи во целофан, да е нема и да е знак за некакво богатство, туку добрата мелодија, без ралика од кој стил, треба да ја гали душата,
Пејовски постепено, со тешко срце, се ослободува од колекцијата. Намалена му е на околу 2000 лонгплејки. Кога ги дава, како да му се корне некој дел од телото. Емотивно е врзан за плочите, па ги поделува со други луѓе чија пасија се плочите како него, која никогаш нема да згасне. Смета дека нема да исчезнат винил плочите. Можеби дисковите или поновите форми на медиуми се минлив тренд. Плочите се кеф и да крцкаат додека грамофонската игла од минијатурната бразда го претвора аудио записот во мелодија. Тие се уметничко дело кое со години се слушаат, се превртуваат, се гледаат, се вадат, се пуштаат, се бришат отпечатоците од прстите и се враќаат во пакувањето, станувајќи дел од сопственикот.
Извор: “Неделник ЗЕНИТ”