Прилепчанецот пред враќање во Динамо Загреб: Седлоски доби понуда за тренер

Македонската фудбалска легенда Гоце Седлоски се поврзува како најсериозен кандидат за тренерското столче на младинскиот тим на Динамо Загреб откако местото е испразнето по заминувањето на првиот тренер.

Идејата Седлоски да го предводи вториот тим на Динамо Загреб многу веројатно доаѓа по препорака на Здравко Мамиќ, кој е доста близок со македонскиот тренер и често говори со високи епитети за него.

Седлоски последно го предводеше премиерлигашот во Босна и Херцеговина, Широки Брег. И во овој клуб Седлоски бил поставен за тренер по препорака на Мамиќ, пишува “Вечерњи лист”.

Според весникот, Седлоски е прво име за Динамо Б поради неколку причини – неговата посветеност, искуството, како и трите трофеи кои ги има освоено со клубовите кои ги предводел.

Седлоски во два наврати во кариерата го носеше дресот на Динамо Загреб, најпрво од 1998 до 2004 година, а откако го заврши краткиот ангажман во Јапонија, уште еднаш го облече дресот на Динамо Загреб во 2005 година.

Досега македонскиот репрезентативец кој зад себе има 100 настапи за националниот дрес како тренер ги предводеше: Турново, Вардар, Рига и Широки Брег, а беше и асистент во Матесбург, како и асистент во македонската фудбалска репрезентација.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.