Професионалната боксерска сцена во Србија ја започнува ревијата на мечеви за сезоната 2026 во организација на Balkan Boxing, главен партнер на Боксерски сојуз на Србија за професионален бокс.
„Balkan Boxing 7“ ќе се одржи во салата Спортски центар Бор на 28 март 2026 година, со директен ТВ-пренос на TV Arena Fight.
По тој повод вчера во Белград беше одржана заедничка прес-конференција на која се обратија директорот на Arena Channels Group, Небојша Жугиќ, претседателот на Боксерскиот сојуз на Србија, Ненад Боровчанин, како и боксерите кои ќе ги гледаме на претстојните мечеви во Бор – репрезентативецот на Србија, Јован Николиќ и еден од најдобрите млади боксери на Македонија, прилепчанецот Матеј Чатлески.
Чатлески истакна дека му е чест што ќе боксува во Бор.
„Му благодарам на Balkan Boxing за можноста што ја добив и за која максимално се подготвувам. Во Бор ќе го претставувам боксот на Македонија и ќе покажам дека и ние имаме храбри боксери со високо ниво на перформанси. Балканот е ткаен од боксери кои имаат квалитет за самиот светски врв и сигурен сум дека тоа во времето што доаѓа ќе го докажеме, особено сега кога имаме можност преку мечевите што ќе ги организира Balkan Boxing, почнувајќи од спектаклот во Бор“, изјави Чатлески.
Претседателот на Боксерскиот сојуз на Србија најави подигнување на професионалниот бокс во регионот на светско ниво преку ревиите што ќе ги организира Balkan Boxing.
„Им благодарам на претставниците на седмата сила, без вас немаше толку луѓе да знаат за боксот и резултатите на нашите момци. Му благодарам на мојот пријател Небојша Жугиќ што уште во 2018 година го препозна боксот, како и на претседателот Александар Вучиќ. Таа поддршка ни донесе одлични услови, но и обврска да возвратиме со медали и полни сали со деца во спортските центри“, истакна Боровчанин.
Врвниот професионален бокс често се опишува како „брутален шаховски меч“, каде што се вкрстуваат елитната техника и стратешката вештина.
„Сакаме нашите боксери од олимпискиот бокс да градат професионални кариери тука. Зошто да не ги префрлиме мечевите од Лас Вегас, Лондон или Њујорк во Србија? Целта ни е во наредните неколку години нашиот боксер да боксува за титула светски професионален шампион во белградската Арена. Спектаклот во Бор на 28 март ќе биде од регионален карактер, а ќе настапат борци од цела поранешна Југославија, како Матеј Чатлевски од Македонија и Бенјамин Потурак од Сараево. Главната борба на вечерта ќе ја има нашиот прославен шампион и репрезентативец Јован Николиќ, а неговиот противник ќе биде познат во наредните неколку дена. Главна атракција ќе биде мечот на ММА ѕвездата Милош Јаниќиќ. Тоа ќе биде спектакуларна ноќ, не само спортска, туку и музичко-сценска. Нема да ја препознаете салата во Бор“, рече Боровчанин.
Претседателот на БСС наведе дека во периодот што следува боксот ќе покаже зошто е крал на сите боречки спортови.
„Мајк Тајсон рече: ‘Секој има план додека не прими удар во брадата’, така што сите ние имаме желба да победуваме, но на крајот, кому судијата ќе му ја подигне раката, тој е победник. Најубаво би било тие мечеви да ги видиме во рингот, и зошто да не направиме веќе сега, кон крајот на годината, во Белградска арена, мечеви Мемиќ – Николиќ, Бојковиќ – Јаниќиќ, што публиката сака, да ѝ го дадеме. Боксерскиот ринг е најфер место. Нема простор за време на борбата боксерите да гледаат во нозете, во главата, во струкот… Тоа е единствената борба во која за време на натпреварот се гледате постојано очи во очи, и токму затоа е благородна вештина, бидејќи ништо нема поблагородно, особено во денешно време. Ако имате сила цело време да гледате некого во очи, а уште и да се борите со него, тоа е вистинска борба“, истакна Боровчанин.
На боксерите ќе им припадне и награден фонд, планиран според нивниот учинок во рингот.
„Што се однесува до наградниот фонд, бидете сигурни дека секоја влезница, секој спонзор, ќе биде – не дел – туку цел фонд наменет исклучиво за боксерите. Откако ќе се покријат организациските трошоци, тој не се дели, не се земаат проценти, ние не менаџираме со нив, туку создаваме услови не само за тренинг, туку и да заработат пари. Од таа перспектива можам да кажам дека ќе бидеме горди, а боксерите задоволни што сме можеле да им овозможиме на такви воини хонорари со кои ќе можат да направат нешто во својот живот“, заклучи претседателот на БСС.
Повод за собирот беше потпишувањето на продолжување на соработката меѓу БСС и Arena Channels Group.
„Боречките спортови, особено боксот и ММА, предизвикуваат големо внимание во јавноста. Пред сè сакам да му се заблагодарам на мојот пријател Боровчанин што толку посветено работи и максимално се труди да ми ја олесни работата околу популаризацијата на боксот на овие простори. Каналот Arena Fight, како и секогаш, ќе ги пренесува сите значајни настани што се случуваат кај нас и во странство. Ова е нешто посебно и многу ми е драго што вакви спектакли се организираат надвор од Белград, а не само во главниот град. Ми е драго што ќе биде организирано во Бор. На тој начин вршиме популаризација на територијата на цела Србија, но и регионот. Доаѓаат борци од сите земји на поранешна Југославија, што дополнително дава шарм и го зголемува ривалството, а со тоа и интересот за секоја борба“, рече Жугиќ.
„Мислам дека ова што го правиме е добро, но гледаме да го унапредиме уште повеќе и дополнително да го направиме овој содржај поинтересен“, додаде Жугиќ.
„Во 2018 година, кога боксот фактички беше мртов на овие простори, со поддршка пред сè од претседателот на Републиката Александар Вучиќ, како и од сите луѓе што во тој момент го поддржаа подигнувањето на боречките спортови, седнавме, се договоривме, го направивме каналот Arena Fight и почнавме да ги популаризираме боречките спортови. Седум години подоцна имаме навистина феноменални резултати во сите боречки спортови. Популаризацијата ја направивме на највисоко можно ниво, а резултат на тоа се полни сали и отворање нови боречки центри. Ви благодарам на сите и продолжете да ја следите Арена и да уживате во спектаклите што ги приредуваме. Уште еднаш ги повикувам сите да го погледнат и да не го пропуштат спектаклот што нè очекува во сабота, на 28-ми навечер“, истакна Жугиќ.
Главната борба на вечерта во Бор, на 28 март, ќе ја има репрезентативецот на Србија Јован Николиќ.
„Би ја искористил приликата да им се заблагодарам на сите што дојдоа и што нè следат цело ова време, но пред сè на Небојша Жугиќ и Ненад Боровчанин, без кои не би можеле да го направиме сето ова во боксот, бидејќи вратите не ни беа отворени. Ви благодарам уште еднаш за тоа. Драго ми е што слушам дека во одреден период ќе може да се оствари тоа за што зборуваше Ненад – дека ќе нападнеме некоја од поголемите титули во професионалниот бокс“, изјави Николиќ.
„Сега фокусот е на мојот нареден професионален меч, во кој ќе влезам сто проценти подготвен, а потоа би сакал да се случи нов меч со Алмир Мемиќ. Кога ќе дојде до тој меч не знам, но му порачувам – подготви се, ќе се подготвам и јас, па ќе видиме кој каде е“, додаде Николиќ.

























