,,Живеам за да бидам уметник, а уметник сум цел живот. Тоа е најдоброто во животот, да го работиш она што е твоја потреба. А, животот е за да создаваш,,.
Со овие зборови уметникот Кирил Гегоски ја отсликува речиси 50 годишната уметничка кариера како слободен уметник.
Последниот период е ангажиран на проектот ,,Преобразба,,.
-Планирам да направам десетина големи слики 3х2,30 метри. Монументално, реткост може да се види на нашиве простори. Една од сликите ќе биде изложена во Центарот за култура, а за другите ќе видиме кога ќе го заокружиме. Сликите се акрил на платно. Темата е вечно присутна во моето творештво, насловена ,,Преобразба,,, односно трансформација на пејзажот, особено на женската фигура. Преобразба на реалното во нереално. Тоа многу ме привлекува – вели уметникот.
Тој е вечно инспириран од природата.
-Не сакам да ја пренесувам природата, туку барам од неа извор за нешто ново. Сликите ќе бидат реални. Планина, а во суштина да речеме е жена. Многупати сопатниците со кои патувам по планините ми велат овој пејзаж ми наликува на Маркови кули, друг на друго… Несвесно се поврзува пејзажот со човекот. Природата и човекот се вечна инспирација. Ако ја сликам, или било кој, природата ќе се лажеме себе си. Она што е направено со природата никој не може да направи подобро. Може само да се залажуваме. Чудо е природата. Затоа импресиите од природата ги пренесувам на платното. Ги преработувам и боите. Боите на сликите ,,пејат како славеј,,. Многу се убави. Три бои користам, оти многу малку работам со бои. Едноставен сум. Основни, ама сложени. Се претвораат една во друга. Се преобразуваат од топла во ладна и обратно. Имам црвена топла боја, но има лилјаково кон ладно. Имам ултрамарин со црвено. Зелена со плаво и жолто – истакнува Гегоски, кој неуморно твори.
Евидентен е сјајот на делата на Гегоски. Тој е пореден меѓу уметниците кои учествуваа во новото културно милје во седумдесетите години на 20 век.
-Креативниот развој на Гегоски во неговата повеќедецениска посветеност беше под знакот на искрена опсесија со императивите за заживување на пејзажот од прилепското опкружување и таму вклучување во комплексноста на трајното менување на мотивот. Посветеноста на пејзажот покажува дека е многу повисоко од обичното тестирање на жанрот. Тој нуди бесконечни толкувања и креативни можности кои исто така вклучуваат одредена мерка на генерализација. Со оглед на суштинските факти и неколку постојани фиксни опсези на бои што беа избегнати од неговите поранешни фази, сликата сугерира контури на планини или дрвја, што е специфичен начин на уметникот за евоцирање на природата – забележува Марика Бочварова Плавеска за неговото творештво.
Тој е член на ДЛУМ од 1968 година. Имал студиски престои во Париз, во Италија, Грција, СССР, Франција, Полска… Во богатата уметничка кариера имал бројни самостојни и групни изложби во земјата и во странство. Учествувал на ликовни колонии, а за творештвото е повеќекратно наградуван.
Извор: “Неделник ЗЕНИТ”