ОФИЦИЈАЛНО! Прилепчанецот Димитар Димитриоски потпиша за Европскиот шампион

Еден од младите репрезентативци на Македонија, Димитар Димитриоски (21) е нов член на Вардар. Левото крило потпиша двегодишен договор со „црвено-црните” и ќе му прави друштво на Тимур Дибиров во новата сезона. Со доаѓањето на Димитриоски клубот продолжи со засилувањето и подмладувањето на тимот во добрана на европската титула – стои во соопштението од клубот.

Димитриоски иако е млад веќе има искуство со настапите во регионалната СЕХА Газпром лига и во ЕХФ лигата на шампионите. Брзината и експлозивноста му се карактерстика.

Тој веќе е на списокот на сениорската репрезентација на Македонија. Играше во квалификациите за ЕП 2020 година. Ги помина и сите младински селекции во репрезентацијата покажувајќи дека е подготвен и за поголеми спортски успеси.

Доаѓа од спортско семејство каде ракометот е спорт број 1, а пет години настапуваше за екипата на Металург. Сезонава го освои Купот на Македонија, а играше и во СЕХА лигата и Лигата на шампионите. Димитриоски беше планиран за настап и на последното СП 2019 година, но поради повреда на последниот тренинг пред тргнување отпадна од комбинација.

„ Вардар секогаш сакал во своите редови да има млади, перспективни и не афирмирани ракометари. Тимот им дава шанса за напредување и за покажување на својот квалитет.

Димитриоски не е само талентиран туку и квалитетен играч. Младоста е негова предност, и очекуваме истата посветеност со која и досега играше да биде негова препознатливост. Вардар ќе му даде шанса, и очекуваме дека истата ќе ја искористи.

Пред клубот се нови предизвици и со новите сили заеднички да продолжиме со добрите настапи, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.