Во Општина Прилеп се одржа значајна средба со господинот Кадир Оз, претставник на Медипол Мега, најголемата универзитетска болница во Истанбул, Турција. На средбата присуствуваа претставници од Општина Прилеп, претседателката на Советот на општина Прилеп, директорот на прилепската болница, како и медицински работници.
-Со оваа првична средба поставивме темели за идна соработка во областа на здравството и едукацијата, при што инициравме потпишување меморандум за соработка кој што треба да овозможи:
– Едукација и усовршување – медицинскиот персонал од Општата болница во Прилеп (доктори и медицински сестри) ќе има можност за стручни обуки и размена на знаења со врвни експерти од Медипол Мега.
– Меѓународна пракса за ученици – ученици од Медицинското училиште и лабораториски техничари од хемиското училиште ќе можат да посетуваат едномесечна летна пракса во болницата во Истанбул.
– Донација на медицинска опрема – за подобрување на условите и услугите во прилепската болница.
– Опремување на медицински кабинети во средните училишта – со цел учениците да имаат современи услови за практична настава.
Ова партнерство ќе придонесе за подигнување на нивото на здравствената грижа, како и за создавање подобри услови за образование и професионален развој на младите медицински кадри во нашиот град. Прилеп чекори напред кон модерно и квалитетно здравство, градејќи мостови на соработка со водечки здравствени институции – стои во соопштението од општина Прилеп.