На 14.10.2023 година во Штип се одржа шестото и последно коло од Супер и Младинската лига на Македонија во бокс.
Боксеркиот клуб “АС” од Прилеп настапи со тројца боксери, а екипата ја предводеше двократниот шампион во бокс на Македонија, Матеј Чатлески. Клубот оваа година заврши на второто место на конечната табела, што покажува дека прилепскиот бокс останува во врвот, само благодарение на упорноста на тренерот и посветеноста на боксерите.
-Презадоволен сум од настапот на нашите боксери, кои беспрекорно се бореа во рингот овие 6 кола. Победувавме и губевме, а најбитно е што нашите боксери дисциплинирано со напорни тренинзи се градат како зрели личности и направија големо искуство во рингот. Со одлична школа за бокс го претставивме нашиот клуб и нашиот град Прилеп. Оваа година не успеавме да го освоиме првото место, а мораше да се задоволиме со вице шампионската титула во младинската лига во бокс на Македонија. На крајот на месец ноември не’ очекува Државното првенство во бокс на Македонија. Ќе дадеме се од себе да освоиме повеќе медали – истакна тренерот на БК “АС”, Дарко Чатлески.
Резултати од 6 коло:
Категорија кадети:
до 60 кг. Теодор Тошески (БК АС) во равноправна борба загуби на бодови од Сонер Ајрушов (БК ФАМ.ДЕМИРОВИ)
До 63 кг. Димитар Талимче (БК АС) со прекин во прва рунда го победи Иле Маневски (БК БАРГАЛА)
До 67 кг. Мендерес Еминов (БК АС) издвои победа на бодови против Бојан Ѓорѓиев (БК БАРГАЛА)
Две години по ред на пиедесталот, еднаш шампиони, еднаш вицешампиони, двократен државен првак, постојано учество на скапи меѓународни натпревари, за кои средства често се финансираат со крајни напори од сопствен џеб… Ете тоа е БК “АС” Прилеп, вистински репрезент на прилепскиот и македонскиот бокс, но за жал целиот тој труд, напор и упорност не доволно, а некогаш и воопшто не се вреднуваат од тие што треба. Клубот, а воопшто и боксот во Прилеп заслужува далеку поголема поддршка, промоција и услови за работа. Асовци речиси целото свое функционирање и учества на натпревари го темелат на скромен буџет од свои средства, но за одржливост и градење на идни шампиони потребни се многу средства. Тоа го знае секој спортски работник, тоа го знае секој поупатен во спортот. Затоа нека ова биде порака до надлежните, да направат чекор повеќе кога спортот во Прилеп е во прашање. Разговарајте со спортистите, слушнете ги нивните потреби и реагирајте! Вистинскиот пат на младите се гради преку спортот!