Со изведбата на претставата „Аудиција“ во режија на Владимир Милчин, театарот „Војдан Чернодрински“ на 27 март (среда) од 19.30 часот, ќе го одбележи Светскиот ден на театарот. Влезниците за претставата се бесплатни и ќе можат да се подигнат во среда од 18.30 до 19.30 часот на билетарницата од театарот .
Во горчливата комедија, се зборува за копнежот по малку подобар живот, кој е можен само подалеку од провинцијата и татковината. Играат Марија Спиркоска Илијеска, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Сара Спиркоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Наташа Ачански, Илија Вилчески, Александар Тодески, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски.
Македонската порака за светскиот ден на театарот ја напиша режисерот Коле Ангеловски, кој посочи дека е голем празник за театарџиите. ( дел од пораката)
-Тој ни доаѓа како куќна слава. И тогаш театрите се обидуваат, на тој ден, да дадат премиера (по можност добра) па потоа коктелче, баш како на куќна слава…. Долго време сум во театарот и имав прилика да доживеам два радикално различни периоди во животот на Македонскиот театар. Првиот, кога Македонија, во склоп на Југославија, водеше сметка за културата….тогаш театрите ги водеа компетентни и значајни личности и се’ функционираше како што треба….. Во независна Република Македонија имаше околу 20 национални установи кои целосно беа финансирани од Министерството за култура. Дојде демократијата, во театрите дојдоа партиски директори, кои си носеа партиски режисери, кои си бираа партиски глумци и соработници и со големи буџети правеа големи проекти, не претстави, проекти според големи автори. Големи најави, мали резултати. Ќе се променеше власта, нови партиски директори, нови партиски режисери, нови соработници, големи автори, големи најави, а се помалку публика, помалку репризи….. Секоја година со ребалансот на буџетот, парите во културата се намалуваа за 10 %, 20 %,…. Сега со овие средства што ги добија театрите, со исклучок на две, три претстави што имаат пристојни буџети, ќе крпарат со сценографии и костимографии од фундус, музика ќе симнуваат од Јутјуб, хонорарите, ако воопшто ги има, ќе бидат минимални. Ќе гледаме, по кој знае кој пат нови видувања на „Тартиф“, на дела од Шекспир, Стефановски… Ќе „измислиме нов правец’’ во театарот – „Гол театар“: празна сцена, две столици, црни завеси… Зградите на театрите ќе се распаѓаат, вода ќе тече од сите страни, греење ќе нема, стотина дипломирани млади актери ќе чекаат некој од театрите да респише конкурс , за евентуално да бидат примени… посочува Ангеловски.
Светската порака ја напиша Јон Фосе, писател и драматург од Норвешка, кој посочи дека добрата уметност успева на свој, чудесен начин, да ги соедини уникатното со универзалното. (дел од пораката)…
-Но ни допушта да разбереме каде е разликата, на она што би се рекло – што е уникатно, а што универзално; и со тоа, уметноста ги пробива јазичните бариери, географските граници на сите земји, држави; и ги соединува, не само индивидуалните квалитети на луѓето, туку и индивидуалните особености на сите групи на народи, од сите нации. Уметноста не го прави тоа со изедначување на различностите, за да нè направи исти или еднакви, туку напротив, го прави со покажување на различното во нас, на другото, туѓото. Секое добро уметничко дело се состои од – токму тоа – од нешто туѓо, нешто необично, нешто што не можеме да го разбереме целосно, но на некој начин, сепак го разбираме. Содржи мистерија, би рекол. Содржи нешто што нè воодушевува и што нè тера да ги надминеме нашите поставени бариери, и со тоа го создава тоа себе надминување, што нè носи над земните и материјални потреби од физичката реалност, што секое уметничко дело мора да го содржи во себе и да нè води кон тоа – посочува Фосе, додавајќи дека секое уметничко дело длабоко во себе се врти околу едно единствено нешто: земајќи ги сосема посебните и комплетно уникатните нешта, правејќи ги универзални.