Марко Бислимоски поднесе оставка од функцијата претседател на Регулаторна комисија за енергетика. Тој во писменото известување упатено до Собранието, наведува дека се повлекува од функцијата на која бил именуван, односно реизбран, на 26 јули 2023 година, и бара согласно Законот за енергетика да се утврди престанокот на мандатот.
Оставката на Бислимоски следи две недели откако Финансиската полиција поднесе кривична пријава против него. На 29 јануари, Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе пријавата за постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, односно оти не била одземена лиценца за вршење енергетска дејност на фирмата „Тритерол Петрол ДООЕЛ“ Скопје.
-Пријавениот М. Б. во својство на претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што, спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци иако бил должен да отпочне постапка за одземање на лиценца за вршење на енергетска дејност, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт-трговија на големо со еуродизел, биодизел, еуросупер, екстра лесно 1 и течен нафтен гас на правното лице ‘Тритерол Петрол ДООЕЛ‘ Скопје, поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско Решение за прекин на постапката и наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024 година, истата е одземена дури на 14.04.2025 година. Со тоа ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавни набавки, соопштија тогаш од Финансиската полиција.
Бислимоски ги отфрли обвинувањата и изјави дека не чувствува вина во врска со постапувањето. Надлежните институции треба да утврдат дали има основ за кривична одговорност и дали во случајот биле прекршени законските обврски.























