Претпоследниот ден од маратонот што се случува во градот под Маковите кули, денеска кулминираше со болдерингот во близина на манастирот „Трескавец“. Ова адреналинско спортување и афирмативно дружење со повеќе од 100 учесници од целиот свет, денеска го поздрави градоначалникот Марјан Ристески.
„Досегашното искуство на болдеристите вели дека Прилеп е неодминлива дестинација за овој спорт и како терен и како добар организатор на овие настани, па затоа спортистите редовно се враќаат. Прилеп е привлечна дестинација за екстремни спортови, а со тоа има потенцијал за развој и на спортскиот туризам“, посочи градоначалникот Ристески.
Годинава на болдеринг-маратонот „Крали Марко“ првпат беше претставена новата дисциплина хајлан митинг.
Болдеринг е специфична форма на искачување по карпи, која се изведува без јажиња или појаси. Може да се изведува без никаква опрема, но вообичаено повеќето болдеристи користат специјални чевли за искачување, креда за да им бидат суви рацете и специјални подлоги за да спречат повреди при паѓање.