Премиера на претставата ,,Во сенката на ветрот,, во народниот театар “Војдан Чернодрински”

vo-senkata-na-vetrot-posledna-premiera-za-2016-godina-vo-teatarot

Во сабота 24 декември  2016 од 19.30 часот театарот,, Војдан Чернодрински,, премиерно ќе ја прикаже претставата ,, Во сенката на ветрот,, од Пол Емон, во режија на Југослав И.Кочоски. Се работи за претстава во која се говори за  тешкотијата да се сака, да се биде сакан и да постоиш во очите на другите.

plakat-vo-senkata-na-vetrot

– Претставата го претставува длабокото незадоволство и празнина на тие што можат да имаат сѐ и повторно се незадоволни и за тие кои немаат ништо, а се среќни од тоа малку што им го дава животот. Испреплетувањето на дејствието и текот на индивидуалните приказни на ликовите претставува посебен пристап кон сценското прикажување, а воедно дава и посебен клуч по кој може да се следи едно театрско дело. Посебниот начин на пишување и пристап кон ова дело на Пол Емон дава наизменичност во нарацијата од директен говор до гласно кажани внатрешни мисли кои многу често ја изразуваат состојбата на ликовите во сегашноста или пак го пренесуваат своето искуство за тоа што се случило во минатото. Ова специфично третирање на времето како и различните ракурси на гледање на протагонистите за една иста ситуација го надополнува богатството на содржината кое ова сценско дело го нуди – вели режисерот Југослав И.Кочоски.

jugoslav-kocoski-r

„Во сенката на ветрот“ на белгискиот автор Пол Емон ќе биде  втора соработка на режисерот  со ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“. Текстот e праизведба во Македонија и воедно деби на Пол Емон кај нас. Претставата е четврта по ред премиера на прилепскиот театар за 2016 година со финансиската поддршка на Министерството за култура на Р.М.

Сценографијата е на Бојан Маневски, костимите на Даниела Настоска, а музиката на Томе Темелкоски, додека драматурзи се Ивана Нелковска и Лидија Митоска – Ѓорѓиевска.

Во претставата играат Марија Спиркоска-Илијески, Димитар Црцороски, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Ангела Наумоска, Михајло Миленкоски, Марјан Чакмакоски, Најдо Тодески, Виолета Чакарова и Наташа Наумоска.

 

 

Податоци за авторот на текстот

Пол Емон е белгиски автор роден во Брисел во 1944г. Завршил Романистика (романски јазици и книжевност) на Католичкиот универзитет во Лувен, најстариот универзитет во Белгија. Работи како професор на Институтот за телевизија на универзитетот во Нов Лувен. Има напишано пет романи, повеќе други прозни дела и преку дваесетина драми, дваесет драматизации на познати драми, а заедно со неговата сопруга која е родум од Словачка, работи и врз преводи на словачки автори на француски. Од 2011г. е член на Кралската белгиска академија за француски јазик и литература. Неговите дела се поставувани во Белгија и Франција, а на Балканот во Романија и Бугарија. Текстот е напишан 1998г, а ќе биде за прв пат поставен на сцена во Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.