Денеска во манастирот Св. Марена, во близина на селото Туминец во Мала Преспа, Албанија, традиционално се одбележа големиот христијански празник Св. Марена, или кај народот познат како Света Огнена Марина (Марија).
Голем број Македонци од околните населени места, но и од Македонија, како и иселеници во странство, денеска беа присутни во манастирот и заедно заиграа македонско оро и запеаа македонска песна.
Манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското езеро, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност.
Патрон на манастирот е Света Огнена Марина – Марена, што се слави на 30 јули, празник кој Македонците во Мала Преспа, традиционално го слават заедно и каде и да се исселени тие за овој празник се тука.
Вообичаено е на овој празник, кога заради жештините “гори небото и земјата, не се работи “ниту една работа”. Во народната традиција сочувани се примери на пожари или громови во во топлите празнични денови изгореле жито, сено и домовите на луѓето кои го прекршиле празникот и работеле на празникот на Свети Марина.
Селото Туминец е едно од десетте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.
Погледнете дел од денешната македонска прослава во манастирот: