Секоја година, првата седмица од месец октомври им се посветува на најмалите децата, нашето најголемо богатство, гордост и иднина. Во оваа Светска недела на детето се зборува за нивните права и важноста да ги научиме вистинските вредности на животот, за да успеат во светот што ги чека.
Еден од најзначајните денови во Детската недела е 5-ти Октомври – Меѓународниот ден на учителот, кога го славиме трудот и посветеноста на наставниците, воспитувачите и професорите, кои со љубов и трпение секојдневно го обликуваат патот на новите генерации.
Во чест на овие вредности, Општина Прилеп организираше настан под слоганот:
„Со мали чекори кон големи соништа“, на кој првачињата преку симболичното свечено ветување (заклетва) ќе бидат примени во Детската организација, водени од своите наставници.
На настанот се обрати и градоначалникот Борче Јовчески, кој порача:
„Секој ден поминат со децата е ден вреден за паметење. Нашата најголема одговорност е да ги поддржуваме, да им даваме љубов и знаење и да создадеме средина во која секое дете може да сонува и да расте.“
Настанот беше збогатен со низа спортски и музички активности. Се претставија повеќе спортски клубови и талентирани ученици, се играше одбојка, фудбал, шах…. Една убава неделна глетка која никого не остави рамнодушен.
Да го негуваме детството, да го почитуваме образованието и да ги цениме наставниците, заедно создадовме ден полн со радост, љубов и незаборавни моменти за нашите првачиња – порачаа од општина Прилеп.